ТикТок, социјалната мрежа за кратки забавни видеа популарна меѓу младите, лансираше платформа за вработување која им овозможува на корисниците да одговарат на понуда за работа со кратко видео, наместо со традиционално CV.
Наречена „TikTok Resumes“, пилот програмата започна неделава и е наменета само за американскиот пазар на труд, а ќе трае до 31 јули.
„Ние сме почестени што можеме да соработуваме со некои од најпознатите и најразвиени брендови во светот, бидејќи ние создаваме нов начин за оние што бараат работа да ги прикажат своите искуства и вештини на креативни и автентични начини“, вели шефот за маркетинг Ник Тран.
Компаниите можат да ги објавуваат своите понуди за работа на посебна страница, а „тиктокерите“ може да се пријават со прикачување на видео и додавање на хаштагот #TikTokResumes.
Компаниите како „Чипотле“, „Шопифај“, „Таргет“ веќе ја користат оваа опција за да регрутираат млади луѓе под 25 години, познати како „Генерација З“.
Откако пандемијата Ковид-19 предизвика рекорден пад на работните места во 2020 година, американската економија се врати годинава потпомогната од кампањи за вакцинација. Но, многу сектори, особено оние во услужниот сектор кои нудат ниски плати, се борат со вработувањето.