На првата вечер на фестивалот „Егзит“ во Нови Сад, на Петроварадинската тврдина присуствувале околу 42.000 посетители од 70 земји, соопштија организаторите на настанот, пренесува „Данас“.
„Егзит“ годинава го слави своето 20-то издание и е првиот голем фестивал што ова лето се одржува на европско тло, организиран под строги безбедносни мерки, кои се спроведуваа во последните неколку дена.
„Во вечерта набиена со емоции 42.000 фанови од преку 70 земји не престанаа да танцуваат на музиката на хедлајнерите, од кои најкратката, но и најпрецизната порака ја пренесе ди-џеј Снејк порачувајќи ‘We’re back’“, соопштија организаторите.
На првата вечер, помеѓу останатите, настапија Шарлот де Вит, Амели Ленс, Буч Кесиди, Хладно Пиво, Сенидах и Тијана Т, како и Рони Сајз кој настапи и на првото издание на фестивалот во 2001 година.
Белгиската техно ѕвезда Шарлот де Вит во пресрет на настапот изјави дека повторното обединување со десетици илјади обожаватели од целиот свет е емотивен настан за неа и дека танцовата арена на „Егзит“ е една од најневеројатните сцени во светот.
Вечерва пак, во Нови Сад ќе пристигне и германскиот ди-џеј и продуцент Пол Калкбренер, кој ќе го искористи настапот за да сними видео-запис кој ќе послужи како дневник за деновите кога се вратил со настапите во живо. Денес, на сцената ќе настапат и Масео Плекс, Пан-Пот, Марко Настиќ, Лејзи и Руни.
На главната сцена, програмата се отвора во 20 часот со бендот Немесис, а потоа следат и Сабатон во 21 часот и Ван Гог. Танцовиот дел од вечерта на главната сцена го водат ди-џеј Топик, Лејди Ли и Еце Екрен.
Влезот на тврдината е дозволен за посетителите кои имаат дигитален зелен сертификат, што значи дека биле вакцинирани или го прележале коронавирусот, или за оние кои имаат негативен брз антигенски или ПЦР тест.
Комплет билетите за фестивалот се распродадени, а ограничениот контингент еднодневни билети се продаваат преку официјалната веб-страница на фестивалот и продажната мрежа на „Gigs Tix“. Одреден број билети ќе се продаваат и на влезовите на фестивалот.