Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ денеска објави фотографија на која се гледаат како две дрвја се покриени со асфалт, односно како што тврдат, тие се наоѓаат на местото Кошишта кон Горна Порта.
Во Фејсбук објавата тие алудираат на тоа што неодамна се случи во Скопје, кога при реконструкцијата на кејот „13 Ноември“ беа забетонирани неколку дрвја.
„Кај можеле скопјаништана да се појаки од нас! Бетонирале дрворед на кејот на Вардар. Аматери! Ам ние мојме ак’ сакаме и да ги асфалтираме дрвјата. Не мојме? Ево, почекајте“, пишува во нивната објава.
„Без никаков план претставен пред жителите на општината, без никаква најава, со нивната типична „транспарентна“ работа, сигурно во „склоп“ со Планот за управување со Охридскиот Регион и Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, од Општина Охрид решиле да направат уште една коловозна лента на угорницата од Кошишта кон Горна Порта, притоа одземајќи дел од ридот и вегетацијата, па дрвјата кутри испаднале надвор, на улица“, се додава во нивната објава.
Оттаму, истовремено пак и прашуваат кој ќе е обвинет во овој, како што велат, охридски случај,
„До кога ќе се уништува приородата, до кога вака дилетантски ќе се работи? Која е потребата од проширување на коловозот во овој дел од градот и вакво заробување на дрвјата?“, прашуваат тие.