Според последното рангирање на силата на државните пасоши, Северна Македонија се најде на 46-тото место, што ја става земјава во горната половина на листата од вкупно 199 различни светски пасоши според новиот Индекс кој го изработуваат „Хенли и Партнерите“.
Со македонскиот пасош без виза можат да се посетат 126 држави, а во споредба со минатата година државава има пад од две позиции на глобалното рангирање.
Од регионот најмоќни пасоши имаат Грција (8-мо место) и Словенија (12), а пред С. Македонија се наоѓаат и Бугарија (16), Хрватска (17), Србија (38). Од македонскиот, послаби пасоши имаат Црна Гора (47-мо место), Босна и Херцеговина (53 место), Албанија (55) и Косово (107).
Северна Македонија највисок скор имала во 2014 година кога се наоѓаше на 36-тото место во светот според овој индекс.
На светско ниво, како и минатата година, азиските држави се предводници според силата на пасошите. Најмоќен пасош во светот има Јапонија, чии граѓани можат безвизно да патуваат во вкупно 193 земји во светот. На врвот на листата се наоѓаат уште и Сингапур, Германија и Јужна Кореја.
На последните три места се наоѓаат Сирија, Ирак и Авганистан, кој има најслаб пасош во светот со кој може без виза да се посетат само 26 држави.