Повеќе илјади луѓе синоќа протестираа пред парламентот на Грузија и побараа оставка од премиерот поради смртта на новинар кој беше нападнат и претепан од анти-ЛГБТ демонстранти.
Граѓаните побараа најстроги казни за напаѓачите, а дел од нив го обвинуваат премиерот Иракли Гарибашвили за предизвикување атмосфера која овозможила насилство преку јавното отфрлање на ЛГБТ маршот кој требаше да се одржи минатиот понеделник во Тбилиси.
Противниците на маршот ја блокираа главната улица и ги нападнаа новинарите кои го следеле протестот карактеризирајќи ги како про-ЛГБТ пропаганда, а кон нив фрлале и стапови и шишиња.
Лашкарава, според негов колега, бил претепан од група на 20 луѓе. Локалните телевизиски станици објавија снимки од расекотини на неговото лице и крв на подот околу него. Според медиумските извештаи тој се здобил со повеќе повреди и бил опериран па подоцна и отпуштен од болница во четвртокот.
Причината за неговата смрт засега не е позната, а полицијата покренала истрага за случајот.
Според „Прајд“ организацијата во Тбилиси противниците на планираниот марш имале поддршка од власта и од грузиската црква.
Претседателот на Грузија, Саломе Зурабишвили, го осудил насилството, но премиерот Иракли Гарибашвили изјавил дека маршот за ЛГБТ правата бил организиран од „радикалната опозиција“, која според него е предводена од поранешниот претседател Михаил Сакашвили кој се наоѓа во егзил.