Илјадници Кубанци вчера организираа демонстрации против власта кои претставуваат најмасовни собири од ваков вид во последните неколку децении на овој остров, на кој владеат комунистите, пренесува „Н1“.
Демонстрантите извикуваа „слобода“ и го повикаа претседателот Мигел Дијаз-Канел да си даде оставка.
Протестите избувнаа за време на најголемата економска криза во Куба од падот на Советскиот Сојуз и рекордниот раст на епидемијата со коронавирусот.
Луѓето се незадоволни од недостаток на основни добра, ограничување на граѓанските слободи и начинот на кој властите го решаваат проблемот со епидемијата.
Илјадници луѓе излегоа на улиците во различни делови на Хавана, вклучително и историскиот центар на градот. Тие беа многу побројни од групите поддржувачи на владата, кои вееја кубански знамиња и извикуваа „Фидел“.
Џипови на специјалните единици кои беа наоружани беа видени низ Хавана, а полицијата остана на улиците уште долго откако демонстрантите се разотидоа по 21 часот, поради полицискиот час воведен поради епидемијата.
Дијаз-Канел кој е и лидер на Комунистичката партија, рече дека за немирите се одговорни САД, кои го зајакнаа децениското трговско ембарго против Куба во претходните години.
Тој во телевизиско обраќање рече дека многу од демонстрантите се искрени, но дека Америка ги манипулира преку кампања на социјалните мрежи и преку „платеници“ на теренот.
Претседателот на Куба предупреди дека „провокациите“ нема да се толерираат и ги повика неговите приврзаници да им се спротистават.