Играта „Супер Марио“ за конзолата „Нинтендо 64“ денеска е продадена на аукција за 1.56 милиони долари, што е нов рекорд за видео-игра, објави американската аукциска куќа „Херитиџ Окшнс“, пренесува „Данас“.
„Тоа е првата игра некогаш продадена на аукција за повеќе од еден милион долари“, изјави за агенцијата „АФП“, Ерик Бредли, портпарол на аукциската куќа со седиште во Далас.
„Херитиџ“ веќе го постигна првиот рекорд во петокот со продажба на играта за поранешната конзола „Нинтендо НЕС“, „Легендата на Зелда“ која беше продадена за 870.000 долари.
Играта „Супер Марио 64“ е од 1996 година на која за прв пат се користи 3Д.
Интересот на колекционерите за класичните игри постојано расте во последните неколку години. Во април, видео-играта „Супер Марио Брос“ за „Нинтендо НЕС“ од 1986 година е продадена за 660.000 американски долари.