Сите здравствени работници во Франција ќе мора да бидат целосно вакцинирани против Ковид-19 до септември за да добијат плата, соопшти владата.
Оваа обврска ќе важи за докторите, медицинските сестри, здравствените службеници и волонтерите, пренесува Би-Би-Си.
Претседателот Емануел Макрон истовремено изјави дека од следниот месец ќе започне легитимирањето со здравствени пропусници на местата како продавници, барови, кино-сали и железничкиот превоз на подолги дистанци низ Франција. Дозволите ќе покажуваат дали носителот е вакциниран или пак имал скорешен негативен тест на коронавирусот.
„Свесен сум што барам од вас и знам дека вие сте спремни за оваа обврска, која на одреден начин е дел од вашата обврска да бидете одговорни“, изјавил Макрон во телевизиско обраќање до нацијата.
Задолжителната вакцинација ќе се однесува и за сите кои имаат контакт со ранливи категории луѓе, па освен на вработените во болниците и клиниките ќе се однесува и на оние кои работат во домовите за стари лица. Тие ќе мора да бидат вакцинирани до 15 септември или ќе се најдат во ризик да не им биде исплатена платата.
Здравствените пропусници веќе започнаа да се употребуваат на некои места, како ноќните клубови кои за првпат од почетокот на пандемијата почнаа со работа изминатиов викенд. Употребата на овие пропусници ќе се прошири и за влез на фестивали, театри и во болниците од 21 јули и ќе се применува за секој постар од 12 години.
За да се охрабри вакцинацијата, ПЦР тестовите кои досега беа бесплатни ќе почнат да се наплаќаат, освен во случаи кога за тестовите ќе има упат од лекар.
По обраќањето на Макрон, вебсајтот на кој луѓето закажуваат термини за вакцинации паднал поради големиот број луѓе кои сакале да се пријават.
Последниве денови бројот на новозаразени со Ковид-19 во Франција се наоѓа во раст и секојдневно се регистрираат преку 4.000 нови случаи, а зголемен е и бројот на хоспитализации. Од почетокот на пандемијата во земјата се регистрирани 5,8 милиони заразени од вирусот и повеќе од 111 илјади починати лица.