По 18 месеци од почетокот на епидемијата со коронавирусот, образованието за милиони деца е сè уште нарушено, а заклучно со денеска затворени се основни и средни училишта во 19 земји, што директно влијае на над 156 милиони ученици, велат во заедничка изјава извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор и генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азулај.
Па оттука, тие велат дека ова не треба да продолжи, односно дека училиштата треба последни да се затворат, а први пак да се отворат. Исто така, тие посочуваат дека во напорите да се ограничи ширењето на пандемијата, владите најчесто ги затворале училиштата и ги држеле затворени подолго време, дури и кога епидемиолошката состојба не го оправдувала тоа.
„Ваквите постапки честопати беа прво средство, наместо последна мерка. Во многу случаи, училиштата беа затворени, додека баровите и рестораните остануваа отворени. Загубите што ќе ги претрпат децата и младите од неодењето на училиште никогаш нема да бидат надоместени. Почнувајќи од загуба на знаење, преку вознемиреност, изложеност на насилство и злоупотреба, па сè до пропуштени оброци и вакцинации во училиште или намален развој на социјални вештини, последиците по децата ќе се почувствуваат во нивните образовни резултати и општествен ангажман, како и по физичкото и менталното здравје“, се додава во соопштението на двете организации.
Често, како што додаваат тие, најпогодени се децата во средини со недоволно средства, кои немаат пристап до алатки за далечинско учење и најмалите деца кои се наоѓаат во клучните фази на развој.
Истовремено пак, тие посочуваат дека загубите за родителите и за старателите се подеднакво големи, и додаваат дека чувањето на децата дома ги принудува родителите да ги напуштат работните места, особено во земјите без или со ограничена политика за семејно отстуство.
„Токму затоа, повторното отворање на училиштата за настава со физичко присуство не смее да чека. Не смее да се чека случаите да стигнат до нула. Има јасни докази дека основните и средните училишта не се меѓу главните двигатели на ширењето. Во меѓувреме, ризикот од ширење на Ковид-19 во училиштата може да се контролира со соодветни стратегии за ублажување во повеќето средини. Одлуката за отворање или затворање на училиштата треба да биде врз основа на анализа на ризикот и епидемиолошките согледувања во заедниците каде што се наоѓаат“, се вели во заедничката изјава.
Во меѓувреме, тие додаваат дека повторното отворање на училиштата не смее да чека на тоа да се вакцинираат сите наставници и ученици.
„Со оглед на тоа што општиот недостиг на вакцини ги мачи земјите со низок и среден приход, вакцинирањето на работниците од првите редови и оние во ризик од тешка болест и смрт ќе остане приоритет. Сите училишта треба што поскоро да обезбедат настава со физичко присуство, без бариери за пристап и без да налагаат вакцинација пред да се влезе в училиште“, додаваат тие.
Пред почетокот на Средбата за глобалното образование кое треба да се одржи денеска, тие ги повикаа носителите на одлуки и владите да дадат приоритет за безбедно отворање на училиштата за да се избегне, како што велат, генерациска катстрофа.
„Затворањето на училиштата ја става под залог нашата иднина за нејасни придобивки во сегашноста. Ние мора приоритетите да ги утврдиме подобро. Можеме и мораме безбедно да ги отвориме училиштата“, порачуваат тие.