Жртвите на семејно насилство се повикани да ги контактираат хуманитарните организации за поддршка по загубата на англиската фудбалска репрезентација од Италија во финалето на Европското фудбалско првенство, кое се одигра пред три дена.
Организациите кои работат на проблемот со семејното насилство како „Женска помош“ и „Прибежиште“ се обратија до сите оние кои претрпеле насилство во своите домови откако милиони луѓе во Велика Британија беа сведоци на поразот на нивната фудбалска репрезентација, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Двете организации соопштија дека бројот на пријавени случаи на злоупотреба во кругот на семејството се зголемува по фудбалските натпревари, а во студија на Универзитетот во Ланкастер се наведува дека насилството најмногу се зголемува кога Англија губи.
„Фудбалот не предизвикува семејно насилство, туку него го предизвикуваат насилници кои одлучуваат да применат сила и контрола над своите жртви“, рече извршната директорка на „Женска помош“, Фарах Назир.
„Знаеме дека бројот на пријавени случаи на семејно насилство се зголемува во деновите кога има фудбалски натпревари. Зголемената потрошувачка на алкохол и силните емоции поврзани со играта може да предизвикаат зголемување на постојното насилство“, рече Назир.
Извршната директорка на организацијата „Прибежиште“, Рут Дејвисон се согласи дека фудбалските првенства „го влошуваат веќе постојното насилно однесување“ и им порача на жртвите дека „не се сами“.
„За време на целото европско првенство нашата порака до жените и девојките изложени на семејно насилство беше јасна ‘Не сте сами’. Без оглед на тоа кој победува, а кој губи во фудбалот, семејното насилство е системско, намерно однесување и се случува во текот на целата година“, нагласи Дејвисон.