Денеска во скопската зоолошка градина беше отворен пингвинариумот – новото живеалиште на пингвините наречено уште и „Заливот на пингвините“.
Пингвинариумот е составен од внатрешен дел со затворен базен, надворешен базен од 180м2, подземен дел со филтри и пуми за вода, како и тераса од 120м2. Направен е и мал зелен кров.
Со ова, ЗОО Скопје за првпат во своето постоење од 1926 година е дом на пингвини. Вкупно има девет пингвини, од кои три пристигнаа од Италија, а шест од Русија. Тие, по карантинскиот престој и адаптација, за првпат се пуштени во надворешното живеалиште кое, како што велат од Градот, е правено по светски стандарди и со идеални услови за овој вид на јужноамерикански пингвини.
Градот Скопје ја финансираше изградбата на живеалиштето кое чини околу 8,84 милиони денари.