Замислете плоштад со големина колку 2/3 од плоштад „Македонија“, а само еден влез и излез, истовремено и за пешаци и за коли! Епа таков е плоштадот „испланиран“ со спорниот ДУП наспроти „Холидеј Ин“, за кој јавноста реагира на различни аспекти, соопштува иницијативата НаТочак.
Вело-активистите реагираат за аспектот за кој се најповикани: пешачкото, велосипедското и севкупното движење.
„Додека за плоштад Македонија кој веќе има 10 активни и јавни пешачки пристапи, постојано слушаме од градоначалниците на Центар и Скопје дека е потребно отстранување на споменикот Мајка Тереза од улицата ‘Орце Николов ‘со цел плоштадот да добие уште еден 11-ти пристап (заради движење, безбедност, евакуација), што ние целосно го поддржуваме. Дотолку за овој плоштад предвиден со план, како да не им е воопшто грижа дека ќе има само еден јавен пристап со тесни тротоари кој е и главен пристап за автомобили! Целосно небезбедно, недемократско и автоцентрично решение“, стои во реакцијата.
НаТочак посочува дека кај Мајка Тереза на „Орце Николов“ има грижа за регулацијата и повеќе пристапи кон плоштадот, а тука, прашуваат тие, нема грижа за регулацијата и повеќе пристапи кон плоштадот?!
„Би сакале истата заложба да ја слушнеме од нив и за овој плоштад. Затоа им испративме допис пред 9 дена на кој сè уште очекуваме одговор. Очекуваме да покажат грижа и тука за движењето, безбедноста, одржливоста, евакуацијата (можноста за заштита и спасување), со други зборови: јавниот интерес и да го стопираат овој план. Воопшто не ги дискутираме висините на објектите, туку начинот како е поврзан јавниот простор“, велат НаТочак.
Постоечкото решение од ДУП-от прави слободното граѓанско неконтролирано пешачко движење во јавен простор да се остварува дури на 350 метри растојание, велат тие, практично пешаците се водат по патеки околу блокот, не низ блокот, што според нив е недозволиво за центар на град.
„Овој плоштад (да го наречеме плоштад Скопје) со површина од ~8000 м2 има само еден и пешачки, и истовремено и автомобилски влез, за разлика од Плоштад Македонија кој со 12 000 м2 има 10 (11) јавни влезови за пешаци. Автомобилите немаат регулиран пристап кон плоштад ‘Македонија’, освен во специјални ситуации, а ‘спроти Холидејн Ин’ автомобилите доаѓаат до самиот плоштад! Оваа четврт е испланирана целосно по автоцентрични и недемократски принципи, спротивни на принципите ‘градови за луѓе’. Планерот воопшто не водел сметка за пешачките и велосипедските движења, го направил блокот со приватен карактер и погоден за обиколка со автомобили, а за влез само на потрошувачи, не и на слободни граѓани, 24/7“, забележува НаТочак.
Нивните аргументи, дополнуваат тие, ги има нашироко елаборирани на дописот испратен до градоначалниците на Центар и Скопје, како и до Министерот за транспорт и врски.
„Скопје не заслужува ваков центар на град! Реагирајте додека не е предоцна! Ова е белегот на вашето време!“, стои во реакцијата.