Жена од Кина која открила видео од себе на порнографската платформа „Порнхаб“ без да знае за снимањето, е во процес на создавање на апликација за жртви на несогласна порнографија, пренесува „Индипендент“.
Тисифон има 25 години и пронашла видео од себе кое било снимено без нејзино знаење и поставено на „Порнхаб“. Таа за видеото дознала од своја пријателка. „Тисифон“ сега работи со свој тим и создава апликација која ќе им помогне на жените да пронајдат онлајн содржина на која се гледа нивното лице.
Апликацијата која се вика „Алекто АИ“ е именувана според грчката божица на бесот, која ги казнува сите оние кои ќе извршат неморални криминали. Апликацијата ги скенира лицата на корисниците и потоа ги пребарува на интернет.
Во интервју за „This Week in Asia“, дваесетипетгодишната која не го открива својот идентитет туку се претставува со името на грчката божица на одмаздата – Тисифон, изјавила дека несогласната порнографија е најлесно да се реши преку софтвер за препознавање на лица.
„Процесот за контрола на штетата е особено болен за жртвите. Понекогаш содржината е објавена на повеќе платформи. Тешко е да пребаруваш низ интернет и да ја преживуваш траумата одново и одново“, изјавила Тисифон, која работи во прочуена американска ИТ компанија.
„Нема да можеме да се одбраниме доколку немаме технологија која што ќе ни помогне“, додала таа.
Тисифон исто така забележала дека не постојат алатки кои се доволно точни кога станува збор за жени од други раси. За да ја направи апликацијата покорисна, таа води тим од жени со различна позадина.
Тисифон истовремено зборувала и за моментот кога го открила видеото.
„Инцидентот се случи пред околу седум години. Бев тинејџерка, немав идеја дека тоа чудовиште тајно ме снимало сè додека не го видов видеото на „Порнхаб“. Тоа ме уништи. Се сметам себеси за силна и образована личност, но во тој момент застанав и си помислив „Не ми се живее повеќе. Не сакам повеќе да живеам повеќе“.
Таа се качила на кровот од нејзината зграда, со идеја да го прекрати својот живот и едвај преживеала.
„Во тие моменти за мене тоа беше единствениот излез бидејќи ми беше срам и бев многу исплашена. Се почувствував предадена од целиот свет“, изјавила Тисифон.
Според истражување спорведено во Австралија, Британија и Нов Зеланд во 2020 година, една од три личности биле жртви на непосакувана размена на голи слики. Во претходно истражување од 2016 година, имало една жртва на пет испитаници, но бројката во меѓувреме се зголемила.
Тисифон изјавила дека ја прави својата апликација како платформа која претставува безбеден простор за сите корисници и вметнува бројни безбедносни мерки како биометричка верификација, енкрипција и користење на апликацијата без зачувување на податоци на серверот.
Пуштањето во употреба на „Алекто АИ“ е планирано за крајот на годината, а најпрво ќе биде користена од лица кои месечно би плаќале за услугите, иако „Тисифон“ се надева дека набрзо апликацијата ќе стане бесплатна за сите.
„Ние правиме сè за да ја заштитиме приватноста на корисниците и да се осигураме дека апликацијата нема да биде злоупотребена од трета страна. Ќе продолжиме да работиме за нашиот алгоритам да им помага на луѓето“, објаснила таа.