Објавите околу користењето на шпионскиот софтвер „Пегаз“ кој израелската НСО Група го продавала на владите предизвикаа жестоки политички критики низ светот откако се појавија докази дека оваа алатка се користела за следење и прислушување политички противници.
По се поголемите сомнежи за злоупотреба на моќниот софтвер за хакирање телефони, компанијата Амазон соопшти дека веќе ги прекинала сите врски со НСО, откако акциите на Епл паднаа поради загриженоста за приватноста и безбедноста на нивните смартфони.
НСО тврди дека нивниот софтвер за надзор се продава исклучиво на влади кои имаат добар углед во поглед на заштитата на човековите права и дека се користи само за истраги во врска со криминал и тероризам.
Сепак конзорциумот „Проект Пегаз“, кој е составен од неколку организации за човекови права и 17 медиумски организации досега открија потенцијални цели на прислушување и следење бил опозицискиот ривал на индискиот премиер, Нарендра Моди, како и околу 50 роднини и блиски соработници на актуелниот мексикански претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор додека тој бил во опозиција. Дополнително утврдено е дека во протечената листа на телефонски броеви кои потенцијално биле мета на следење преку шпионскиот софтвер биле и стотици активисти и новинари низ голем број светски држави.
Откритијата на медиумите за можна политичка шпионажа предизвика лавина реакции во повеќе држави од светот.
Во Унгарија, каде владата на Виктор Орбан е обвинета за користење на софтверот на НСО против новинари, опозициските пратеници побараа вонредна седница на комисијата за безбедност на парламентот за да дебатираат за ситуацијата.
„Ако било кој дел е точен, дури и половина од обвинувањата, тогаш ова е еден од најголемите национални безбедносни скандали кои ги имам видено“, изјавил опозицискиот пратеник Петер Унгар.
ЕУ политичарите исто така изразија револт од користењето на софтверот во Европа.
„Слободата на медиумите е основна вредност на Европската Унија. Доколку обвиненијата се точни, тоа е целосно неприфатливо“, изјавила претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен.
Истовремено европратеникот Гај Верхофштад побара истрага за обвиненијата во Европскиот Парламент.
Свиркачот Едвард Сноуден стравува дека „Пегаз“ е потенцијално толку моќен што оваа шпионска алатка треба да биде забранета од меѓународна продажба.
„Доколку нашле начин да хакираат еден Ајфон, тогаш нашле начин да ги хакираат сите“, рекол Сноуден додавајќи дека овој софтвер треба да биде третиран на сличен начин како нуклеарните оружја, каде технологијата е под силни забрани.