Од денес во рамките на партиципативната платформа за директна демократија МојГрад, стартува „МојКандидат“, уште еден концепт на „Зелен Хуман Град“ преку кој граѓаните на Скопје ќе имаат можност да ја поднесат сопствената кандидатура за станување дел од независната листа на коалицијата „Зелен Хуман Град“ за претстојните локални избори за членови на Совет на Град Скопје.
„За првпат во историјата на организирање избори во Македонија, корисниците на „МојГрад“ ќе може директно да гласаат за пријавените кандидати врз база на нивната апликација, а оние кандидати со најмногу гласови ќе добијат можност лично да го претстават својот профил и ставови пред членовите на ЗХГ, како финален чекор пред влегување на листата. Крајниот рок за пријавување преку МојКандидат е 1 август на полноќ“, известуваат од „Зелен Хуман Град“
Оттаму велат дека со овој пристап, ЗХГ се стреми кон остварување на идеалот за листа со сооднос „пола-пола“ помеѓу активистите-волонтери кои Коалицијата ги црпи од своите членки, и обичните граѓани кои сметаат дека е редно време нивниот глас да биде чуен во институциите.
„Во согласност со тој идеал, со најдобрите дваесет кандидати од „МојКандидат“ ќе се надополни листата за изборите на која се веќе присутни активисти. Според правилата на процесот, заинтересираните граѓани на платформата ќе треба да ги опишат своето образование, професија, претходно учество во социјални движења и активизам, политички ставови и визии, со цел да ги убедат своите сограѓани дека се вистинските личности за градски советници“, објаснуваат од „Зелен хуман град“.
За успешно да ја комплетираат својата кандидатура, граѓаните ќе треба да се согласат на серија услови со кои се штити интегритетот на процесот и се гарантира соодветноста на кандидатите. Во склад со антипартиската агенда, кандидатите не смее да бидат партиски членови и да се вработени во градската администрација и претпријатија, министерствата, другите органи на државна управа и државните јавни претпријатија/трговски друштва.
Од кандидатите се бара да имаат сопствен извор на егзистенција и да прифатат ограничување на два мандата, одразувајќи ја позицијата на ЗХГ дека политиката не смее никогаш да претставува кариера.
„Конечно, централната улога на МојГрад во целиот концепт е реафирмирана преку условот кандидатите веќе да биле дел од активностите на платформата со поднесување или гласање предлози, и преку согласноста изворно да ги пренесуваат и застапуваат предлозите од МојГрад во Советот, по традицијата која ја воспостави советничката Драгана Велковска“, дополнуваат од „Зелен хуман град“.
Со ваквото отворање за кандидатурите на скопјани, ЗХГ продолжува да ги крши нормите на конвенционалната политика и во пракса, останувајќи доследен на принципите на хоризонталност, инклузивност и транспарентност кои ја дефинираат Коалицијата.
„Ова е прв пример во историјата на земјата каде што за кандидатите на една изборна листа ќе се гласа јавно, врз база на јавна презентација на нивниот карактер и компетенции. Целта е да се покаже дека може да постои и поинаков начин на водење политика, во кој клучни се механизмите на директната демократија. Долгорочната намера на ЗХГ е овој начин да го преслика на институциите, почнувајќи од претстојните избори“, истакнуваат од ЗГХ.
Иницијативата „Зелен хуман град“ со независна листа ќе настапи на локалните избори во Скопје