Преку отворено писмо, Платформата за родова еднаквост ги повикува подносителите на листите на кандидат(к)и за Локалните избори 2021 да покажат минимум демократски капацитет и да обезбедат родов баланс на изборните листи.
„Во моментов имаме само 6 градоначалнички наспроти 75 градоначалници. Овој дисбаланс кој ги рефлектира изборните резултати од 2017 година, е само доследно повторување на традицијата која ги прави жените невидливи во изборите. Жените само декларативно имаат право да бидат избрани и да изберат да бидат претставени. Да потсетиме, на локалните избори во 2013 беа избрани само 4 градоначалнички наспроти 76 мажи градоначалници, а во 1996 и 2009 немаше ниту една градоначалничка“, се вели во отвореното писмо на Платформата.
Оттаму забележуваат дека значајно и релевантно политичко учество значи минимум застапеност од 40% на жените и мажите во политичкиот и јавниот живот.
„Како предлагачи на изборните листи, политичките партии се и чувари на портите што го олеснуваат влезот и успехот на поединците во политиката. Потсетуваме дека нема недостаток од квалификувани и искусни жени кои би можеле да преземат политички функции, туку општествени и структурни бариери за нивно вклучување; затоа тие мора да се повидливи и охрабрени да се вклучат во политичката трка“, велат од Платформата.
Според нив, особено е важно да се спомене дека и во изборните програми на партиите, најголем дел од партиите ветуваа унапредување на политичкото учество на жените, вклучително и на локално ниво.
Сепак од Платформата за родова еднаквост истакнуваат дека и покрај заложбите, родовата нееднаквост е присутна на речиси сите нивоа на владеење, како на локално, така и во извршната власт каде од вкупно 16 министерства, само 4 се предводени од жени.
Оттаму сметаат дека декларативните заложби не ја унапредуваат фактички родовата еднаквост, па дополнуваат дека само со практични чекори можеме да видиме суштински промени и подобрување на родовата еднаквост во економската, социјалната, политичката и во сите други сфери на општеството.
„Ги повикуваме политичките партии да ги одржат своите ветувања и да покажат заложба за родова еднаквост во пракса преку родово-балансирани кандидатски листи на локалните избори еднаква застапеност меѓу кандидат(к)ите значи и еднакви шанси за избор и на жените и на мажите во градоначалничката трка“, заклучуваат од Платформата за родова еднаквост.