Со 2 стари компјутери, 8 столчиња и еден печатач половина година функционира Комисијата за заштита од дискриминација

Со минимални ресурси, недоволно канцелариски материјали и вработени, меѓу бирократски пречки и без веб-сајт веќе половина година работи новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Тие овие лоши услови ги нагласија на денешната презентација на Извештајот за работењето на Комисијата во периодот од јануари до мај оваа година, но истовремено изразија убедување дека полека ги надминуваат проблемите со кои се соочија од почетокот на нивниот мандат.

Комисијата беше избрана на почетокот на годинава, а проблемите се појавиле бидејќи во новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација не биле предвидени доволно ресурси за ефикасно започнување со работа на институцијата. До денеска покрај шесте члена, во Комисијата работат уште само двајца државни службеници, доделени по овластување од страна на Министерството за труд и социјална политика, а институцијата функционирала и без генерален секретар.

Претседателката на КСЗД, Весна Бендевска, вели дека пред нив бил избор – или да се борат, или да се откажат. Се решиле и со малкуте ресурси да се обидат од „нула“ да ја изградат институцијата која ќе биде во служба на граѓаните.

„Во извештајниот период вкупно имавме 90 предмети. Сите тие предмети се отворени и изработени на два компјутери кои ни ги донираше МЦМС, стари 12 години, еден мал печатач, четири бироа, една мини-конференциска маса и осум столчиња. Ова само покажува зошто овој извештај има додадена вредност. Бидејќи кога се сака, и кога во нештата се влегува со вистинска верба, ентузијазам и позитивна енергија можни се резултати и без никакви ресурси, со помош на само две административни лица. Многу често ни се случуваше, додека разгледуваме некој предмет и документација, морате под итно да пуштите допис до, на пример, Водовод и да проверите дали сметката ќе стига на вашата нова адреса“, рече Бендевска.

Во првите пет месеци, КСЗД постапувала по 90 претставки. Од нив 78 се преземени од поранешната Комисија, додека останатите 12 се поднесени до КСЗД според новиот закон. Комисијата во 40% од случаите испратила допис за изјаснување до потенцијалниот дискриминатор, 22% од претставките биле отфрлени поради ненадлежност, а 5,5% биле отфрлени поради неуредност и покрај испратените дописи за дополнително уредување, додека за други претставки сè уште се работи на анализа на содржината поради нивната обемност.

На пресконференцијата беше соопштено дека преку меморандум со ОБСЕ во следниот период треба да профункционира и веб-страницата на Комисијата, која ќе треба да ја олесни комуникацијата со јавноста и поднесувањето на претставките, а се работи и на база на податоци во кои ќе се регистрираат сите случаи на дискриминација. Во тек е и избор на седмиот член на КСЗД, откако на почетокот на мандатот оставка поднесе Неда Чаловска Димовска поради лични причини и Комисијата беше во некомплетен состав.

Комисијата од следната недела најави дека ќе добие шест нови административни службеници, а потенцираа дека планот е до крајот на 2022 да имаат помеѓу 20 и 25 вработени.

Тие најавуваат посилна кампања за нивна видливост, а се планира и поголема соработка со локалните самоуправи и Народниот правобранител.

Според Игор Јадроски, член на Комисијата, рече дека веќе разговарале за децентрализацијата на работата на Комисијата и нивно поголемо присуство на терен.

„Многу важна ни е и соработката со граѓанските организации кои имаат секојдневен контакт со најранливите и најмаргинализираните граѓани. Договарајќи го стратешкиот план за следната година предвидовме голем број теренски средби и посети. Дел од тие средби ќе бидат општи, каде ние во одреден град за да се запознаеме со граѓаните и да им ја доближиле работата на Комисијата, начинот на пријавување и слично, но добар дел од тие средби ќе бидат насочени за одредени категории луѓе кои по сите параметри се поранливи и поподложни на дискриминација. Се сложувам дека се потребни кампањи, но не секој има компјутер, не до секого стига кампањата, па токму зајакнувањето на онаа превентивна улога на Комисијата ја гледаме во ваков непосреден контакт со граѓаните, односно излегување на терен“, рече Јадроски.

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација отвора можност на барање на странката, или по сопствена иницијатива, КСЗД да поднесе барање до судот да дејствува како пријател на судот (amicus curiae). Оваа можност била искористена во март 2021 година, кога Хелсиншкиот комитет за човекови права доставила барање до КСЗД за вклучување во судска постапка во случај поврзан дискриминација врз лицата со попреченост по однос на пристапноста до избирачките места.

Даниел Евросимоски