Владата со носењето на законите сака да воспостави комплетна цензура во медиумите, пред се кај интернет порталите, обвинија денеска пратениците од опозицијата на јавната расправа во Собранието за предлог законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги.
„Законот за медиуми кој го предлага Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски треба да го носи името Закон за медиумски мрак бидејќи предвидува концентрирање на целата моќ врз сите медиуми да биде во рацете на една личност“, порача пратеничката на СДСМ, Весна Бендевска на комисиската расправа во Собранието.
Според неа, веќе се знае кој ќе биде директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која допрва ќе биде формирана.
„Неговото име е Зоран Трајчевски, претседател на Советот за радиодифузија. Трајчевски е веќе избран на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, еден човек ќе прима директни наредби од Груевски и фамилијата да спроведува ништо друго освен медиумски мрак “, рече Бендевска.
Пратеникот на СДСМ, Благој Стојановски рече дека се спорни и ингеренциите на директорот на Агенцијата, кој носи конечни одлуки кога одреден медиум го прекршил законот.
„Директорот не смее да отвора и затвора медиуми по свои убедувања. Советот е тој што треба да одлучи за какви било мерки по однос на прекршување на законот. На овој начин му се даваат преголеми ингеренции на директорот. Затворањето на медиуми, казните и санкции мора да бидат во надлежност на Советот на агенцијата“, вели Стојановски.
Министерот Иво Ивановски го одби предлогот на СДСМ да се интервенира во текстот на законот со што би му се одземале ингеренциите за крајните одлуки на директорот на агенцијата, со образложение дека седумте членови на Советот ќе можат да го бираат и разрешуваат директорот.
За онлајн медиумите тврди дека надлежностите ќе бидат само административни, и тие ќе треба да се регистрираат во Централниот регистар и да имаат уреден импресум.
Здружението на новинари на Македонија за законот за медиуми вчера достави еден амандман до Собранието, со кој од пратениците се бара примената на законот за медиуми да се одложи до денот кога Македонија ќе стане членка на ЕУ.
Според ЗНМ, со прифаќањето на овој амандман, пратениците ќе ги одбегнат штетите по евоинтеграцијата на Македонија затоа што законот не го бара Европската унија, туку исклучиво само Владата.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Македонскиот институт за медиуми не присуствуваат на јавните расправи за нацрт-работните верзии на законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.