Ракометарките од норвешкиот тим за ракомет на плажа, индивидуално се казнети по 150 евра бидејќи носеле шорцеви наместо бикини униформа, пренесува „Њујорк тајмс“. Потпаролката на Интернационалната ракометна федерација истакнала дека таа не ја знае причината зад ваквото правило.
Норвешкиот женски тим за ракомет на плажа беше казнет од страна на Европската ракометна федерација во понеделникот, откако ракометарките носеле шорцеви наместо регуларните бикини униформи за време на натпревар кој се одржал минатиот викенд.
Интернационалната ракометна федерација бара од жените да носат припиени бикини, а страните на бикините не треба да се подебели од четири инчи. Мажите, од друга страна, можат да носат шорцеви над колена сè додека тие не се премногу широки.
Потпаролката на Интернационалната ракометна федерација, Џесика Роксто изјавила дека не е запознаена со причините зад ваквите правила.
„Ќе направиме внатрешна истрага“, додала таа.
Потпаролката изјавила дека организацијата е моментално фокусирана на Олимписките игри, а не на униформи, а исто така додала дека организацијата претходно не добила официјални поплаки. Подоцна истакнала дека Норвешка е единствената држава која официјално поднела поплака.
„На глобално ниво, знаеме дека во другите земји ракометарките сакаат да играат по бикини, на пример во Јужна Америка“, забележала Рокстро.
Норвешкиот тим повеќе недели планирал да ги заобиколи правилата за да посочи на двојните стандарди кон атлетичарките. Ракометарките носеле шорцеви кога го освоиле бронзениот медал во натпревар против Шпанија. Европскиот шампионат за ракомет на плажа се одржал во Варна, Бугарија.
„Не сфаќам зошто не можеме да играме во шорцеви. Во време на „боди-шејминг“ и слично, треба да е возможно да носиш нешто повеќе кога играш“, изјавила Мартине Велфлер, една од норвешките ракометарки.
Сите ракометарки индивидуално биле казнети по 150 евра, а вкупниот износ на казната бил 1.500 евра.
Каре Геир Лио, шефот на Норвешката ракометна федерација, изјавил дека федерацијата сама ќе ја плати казната. Тој објасил дека норвешкиот женски тим константно се жалел поради бикини униформите откако тие биле воведени во 2006 година.
„Ништо не се промени“, додал тој.
Атлетичарките долго време зборуваат за двојните стандарди кај униформите. Жените треба да носат пооткривачки униформи во неколку спортови, како ракомет и одбојка на плажа, тенис и атлетика. Во 2011 година, Светската федерација за бадминтон услови дека жените мора да носат здолништа или фустани, доколку сакаат на играат на елитно ниво и да помогнат да се зголеми интересот за женски бадминтон.
Лио, шефот на Норвешката ракометна федерација, изјавил дека нема причина за ракометарките да играат во бикини.
„Жените треба да имаат право на униформа за која сметаат дека е удобна“, додал тој.
Во 2006 година, во писмо до Интернациналната ракометна федерација, Норвешката ракометна федерација напишала дека правилото жените да носат бикини не ги зема предвид културолошките норми на дел од земијите и е срамотно за оние кои не сакаат да ги покажуваат своите тела. Во ракометот, спорт кој комбинира елементи на фудбал и кошарка, на голманите треба да им е дозволено да бидат попокриени бидејќи бранат со сите делови од телото, било напишано во писмото.
Томас Шоенеих, потпарол на Европската ракометна федерација изјавил дека организацијата ги присвојува правилата донесени од интернационалната федерација.
„Промена може да се случи само преку Интернациноналната ракометна федерација. Норвешката ракометна федерација сугерираше да се промени униформата за атлетичарките за време на средба на Европската ракометна федерација. Се очекува темата да се дискутира и на средбите на Интернационалната ракометна федерација“, додал тој.
Ракометарката Велфлер забележала дека има ракометарки и ракометари во Норвешка кои одбиваат да се натпреваруваат на интернационално ниво поради униформите. Кога се натпреваруваат на национално ниво, норвешките ракометарки може да носат шорцеви.
„Ова е навистина тажно бидејќи така не играат некои од најдобрите ракометарки. Фокусот треба да биде на играта и натпреварот“, изјавила Велфлер, додавајќи дека ракометарките не сакаат да бидат објектифицирани во кратка облека.