Во Кривичниот суд во Скопје денеска се одржа првото рочиште за случајот „Јавна соба“ во кој 32-годишниот Д.К. и 22-годишниот М.П. се товарат за кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија.
Првиот како основач и администратор на групата која беше креирана на апликацијата Телеграм, а второобвинетиот како администратор и модератор на групата.
Според обвинителството, тие биле должни да се грижат за содржината на текстуалните, визуелните и аудуовизулените содржини прикачувани од членовите на групата, но дозволиле да се споделуваат видеа со детска порнографија.
Адвокатите на одбраната побараа укинување на притворот за обвинетите и како замена предложија домашен притвор или јавување во судот, но судот го одби нивното барање.
Следното рочиште е закажано на 27 август.
По затворањето на првата група, се појави уште една истоимена група, но од ОЈО претходно соопштија дека овој предмет и понатаму е во фаза на предистражна постапка.
Властите во неколку наврати се пожалија дека немаат одговор од социјалната мрежа Телеграм во однос на побараните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата. Овие податоци се неопходни за да се утврди идентитетот и Обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група.
Случајот „Јавна соба“ поттикна бројни протести и активистички акции годинава. Стануваше збор за разоткривање на групи на социјалната мрежа Телеграм каде биле споделувани лични информации и фотографии од девојки и жени. Случајот повторно се актуелизираше во јануари, оваа година, откако една од девојките чија фотографија се најде во една од групите, преку видеоснимка и се обрати на јавноста.