Младински образовен форум ја организира петтата по ред МОФ Летна академија која ќе се случува од 26 до 30 август во Извидничкиот камп во Охрид.
Темата на овогодинешната академија е „Граѓански и политички права и слободи“, а таа ќе биде обработена преку тренинг сесии, работилници и изведби во областите: комуникации, медиуми и улични уметности (дебата, стенсили, онлајн -активизам, изработка на ракотворби, инсталации, улични уметности, организација на настани).
На настанот ќе учествуваат 70 млади луѓе на возраст од 14-20 години од четиринаесет македонски градови. Меѓу предавачите кои ќе водат тренинг сесии и работилници се: Владимир Милчин (режисер и извршен директор на ФООМ), Сања Арсовска (актерка), Искра Гешоска (претседател на Асоцијацијата на независната културна сцена ЈАДРО).
Активностите во рамките на летната академија ќе бидат распределени во три траки: „Јавна дебата“, „Онлајн-активизам“ и „Креативно изразување на јавни простори“. Учесниците на академијата ќе се запознаат со граѓанските и политичките права и слободи, ќе дискутираат за младинските проблеми и за начините како да ја подобрат положбата на младите во Македонија. На крајот на академијата своите решенија и предлози ќе ги искажат преку различни производи кои самите ќе ги подготват со помош на своите тренери.
На 27 август, како дел од програмата на летната академија ќе се одржи и панел-дискусија на тема „Искуства од прва рака: активизмот во македонски услови“ во која учество ќе земат претставници од невладини организации: Сандра Анастасовска и Сања Божовиќ [МОФ], Даниел Калајџиески [ХЕРА], Дејан Ивановски [Го сакам ГТЦ], Петрит Сарачини [Заедно за мир] и Џелал Хоџиќ [АМАН]. Целта на оваа панел-дискусија е претставниците од организациите и движењата да ги раскажат своите искуства со активните случувања со активизмот во Македонија и да ги доближат до публиката.
Овогодинешни поддржувачи на Летната академија на МОФ се Jacobs и Play сокови. МОФ. Летната академија е организирана во рамките на проектот „Локална младинска иницијатива“ поддржан од Фондација отворено општество – Македонија, „Проект на УСАИД за граѓанско општество“ и од ИДЕА програмскиот грант финансиран од програмата Европа за граѓаните.