Со летно кино на отворено и проекција на филмот „Пинокио“ започнуваат низата настани со кои роденденски ќе се одбележат 95 години од основањето на скопската зоолошка градина.
Проекцијата на филмот „Пинокио“ ќе се одржи Школка во Градски Парк во недела, 25 јуни, со почеток од 20:30 часот.
„Понесете си ќебенце да направиме пикник пред Школка и да уживаме во еден од најнаградуваните филмови за деца и возрасни“, велат од зоолошката.
Филмот „Пинокио“ на режисерот Матеа Гарона се движи во царството кое истовремено е реално и фантастично, во рурална, безвременска Италија која изобилува со земја, море, селско опкружување. Верната адаптација на познатата приказна за дрвената кукла која успеала да оживее благодарение на сиромашниот, осамен столар Џепето.
Како и секое дете, Пинокио е љубопитен, а за светот во кој живее учи од своите обиди и грешки. Поседувајќи вродена детска храброст, Пинокио станува тоа што требал да биде– вистинско момче.