Од Кинотеката велат дека августовската програма е вистински предизвик и за музичките „гурмани“.
Каде припаѓаме? Ова прашање го поставува документарниот филм со истоимениот наслов на швајцарската режисерка Жаклин Цинд, поетска приказна за тоа како младите се справуваат со разделбата на нивните родители – филм со кој започнува августовската филмска програма на Кинотеката.
„А нема подобар месец во годината создаден за патување од август, не само географски, туку и низ целолуидниот лавиринт. Со право ќе речете – „Од кај сега најдовте целолуидни ленти, нели сè е дигитализирано!?“ Секако дека е, но „Фестивалот на неми и класични филмови“ на Кинотеката избра неколку наслови за августовската програма кои биле особен целулоиден печат на своето време, а денес ги гледаме во „блу-реј“ формат“, велат од институцијата.
Во склоп на програмата ќе бидат прикажани иконите на францускиот „нов бран“ – „До последен здив“ од 1960 на Жан-Лук Годар , „400 удари“ од 1959 на Франсоа Трифо, „Еден човек и една жена“од 1966 на Клод Лелуш, како и трилогијата на Александар Довженко, украински режисер од ерата на Советскиот Сојуз, составена од немите филмови „Звенигора“(1928), „Арсенал“ (1929) и „Земја“ (1930).
„Кога луѓето во 20-ите и 30-ите години на минатиот век говореле за Првата светска војна, тие го употребувале терминот „Големата војна“. Таа војна била најголема и најразорна дотогаш на европско тло. Тие тогаш не знаеле дека следува втора „Голема војна“, уште потрагична од претходната – за да им дадат предзнак „Прва“ и „Втора“ светска војна. Филмот и уметноста – во дваесеттиот век – веќе имале напластено многу естетички вредности, па кога новото го менува старото, секогаш говориме за некој „нов бран“, објаснуваат од Кинотеката.
„Ако францускиот „нов бран“ ја размрда европската кинематографија во 60-ите, панкот и „новиот бран“ во 70-ите и 80-те неповторливо ја изменија музичката мапа на Европа, но и на некогашна Југославија“, порачуваат оттаму.
Документарниот филм „Нов бран – 40 години подоцна“ (Novi val – 40 godina kasnije / New wave – 40 years later) ќе го означи почетокот на деновите на „Кроација рекордс“ во Скопје, и е своевиден вовед во тематскиот блок од неколку документарци кои се занимаваат со феноменот на „музичкиот земјотрес“, по кој звучните слики на Љубљана, Загреб и Белград (делумно и Скопје) веќе никогаш не беа исти.
На програмата се „Небесна тема“ (Nebeska tema ) на Младен Матичевиќ , „Среќно дете“ (Sretno dijete) на Игор Мирковиќ, „Музиката е уметност на времето 1: ЛП филм Панкрти долгцајг“ (Glasba je časovna umetnost) на Игор Зупе, потоа „Музиката е уметност на времето 2: плукни и на вистината во очи“ (Glasba je časovna umetnost 2: LP film Buldožer – Pljuni istini u oči) на Варја Мочник и „Музиката е уметност на времето 3: Лајбах“ (Glasba je časovna umetnost 3, LP film Laibach), исто на Игор Зупе.
Блокот со музичките документарци продолжува со 55 издание во живо – „Нов свет (не)поредок: еко-вознемиреност и миграции“, Кинотеката ќе потсети и на традиционалната чалгаџиска музика со документарецот „Ќеиф – македонска чалгиска традиција“ на Блаже Дулев.
Доколку сакате да видите како вашите сограѓани од постарите генерации си ги сочувувале спомените, Кинотеката ќе ја прикажува втората приказна од проектот „Тајните филмски архиви на градот“ – „Тајните филмски архиви на градот – Втора приказна“ (Вардар филм). Во рамки на проектот Кинотеката со помош на Град Скопје собра 8-милиметарски ленти преку јавен повик до граѓаните кои во своите домови сè уште чуваат вакви материјали.