„Со министерката се сретнавме, но не се договоривме. Не ги прифаќаат барањата на лицата со попреченост“, вели за Радио МОФ Суарет Алишан од Коалицијата „Менуваме“, која денеска се сретна со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Средбата дојде откако „Менуваме“ во вторникот протестираше и побараа подоинствен живот за лицата со попреченост. Исто така, одобрување на социјалната заштита, зголемување на месечникот надоместок од сегашните 7.000 на 12.000 денари, како и намалување на границата за добивање додаток од 26 годишна на 18 годишна возраст.
Сепак, Алишан потенцира дека не можело да дојдат до решение со министерката, па за попладнево најави дека со нивните барања ќе одат повторно во Влада. Доколку не им бидат исполнети – тогаш одат да кампуваат спроти Собрание во паркот „Жена борец“, за каде се пожалија дека не им била дадена дозвола за камп од Град Скопје.
„Градоначалникот го повреди правото на здружување, правото на движење и правото на демократија. Многу се грижел, многу не’ жалел ако сме кампувале?! Па, ние од убавина не кампуваме! Ако нема разбирање и не се исполнат барањата, дури планираме кампот на сила да го поставиме, па и на сметка на нашата одговорност“, нагласува тој.
Од кабинетот на Шахпаска денеска по средбата стигна соопштение дека голем дел од барањата на Коалицијата се веќе во приоритетите на министерството и работат на нив. Во однос на барањето за зголемување на надоместокот заради попреченост, предвидено е покачување на износот за најмалку 15 проценти, но поради пандемијата со Ковид-19, велат тие, неговата реализација биле пролонгирана.
„Покачувањето на овој надоместок ќе се планира во буџетот за наредната година. За потребата на поголема инклузија и вработување на лицата со попреченост, министерката Шахпаска информираше дека во тек е проект за унапредување на пристапот на лицата со попреченост на отворениот пазар на трудот, за што се разгледуваат искуства од другите земји, а веќе е отворена и јавна расправа кај нас со сите засегнати страни“, се вели во соопштението од министерството за труд и социјала.
За барањето за проширување на мрежата на дневни центри за лица со попреченост, информираат дека во моментот се работи на отворање на дневни центри во Липково и Делчево, во Чашка, во Боговиње, а се работи и на проект за дневен центар за деца со аутизам во Скопје. Барањето за симнување на границата за деца со попреченост од 26 на 18 години за права од социјална и здравствена заштита, министерството го карактеризираат како „легитимно за кое МТСП ќе изготви анализа за влијанието на оваа промена врз правата на овие лица во сите сфери“.
Инаку, „Менуваме“ веќе нагласи дека доколку не бидат испонети барањата, освен камп спроти Собрание, може ќе одат порадикално и на блокарање на раскрсници.
Бојан Шашевски