Време е да се фокусираме врз суштинските проблеми. Време е да создадеме вистински ’општествен договор‘ за владеење на правото и на човековите права како главни столбови на европските вредности. Нешто треба да ни е јасно и гласно: нема ЕУ-интеграција без „европеизација“.
На 1-2 јули, Министерството за надворешни работи го организираше Преспа Форум Дијалог, дипломатски настан со фокус врз стратешките приоритети на земјата. Овогодишниот беше евроинтеграцијата на земјите од Западниот Балкан.
Околу форумот
Форумот беше значаен успех на дипломатијата на земјата. Од организациски аспект (содржина, учесници, логистика), тоа беше еден од најголемите и најпрофесионално организираните настани во историјата на државата. Учеството на највисоко ниво на претставници од регионот, ЕУ и САД беше уште еден индикатор за успешноста на македонската дипломатија. Нема сомнеж дека овој форум ќе се претвори во традиционален бренд со редовно организирање на годишен план, како други слични форуми на светско ниво.
Форумот беше значаен од неколку апекти. Акцентот е врз Преспа, поради Преспанскиот договор како прагматично решение за надминување на спорот со грчката блокада на меѓународната сцена. Со тоа, форумот воедно ја одбележа тригодишнината од договорот. Форумот исто така ја одбележа и 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор, како релативно поуспешен во споредба со другите во регионот (Дејтон и Рамбуе) за решавање на меѓуетничките конфликти и војни. Со овие две обележја, Македонија се промовира како „извозник на решенија“, а не конфликти во регионот. Форумот имаше значење и како важен момент за повторно градење на синергијата ЕУ-САД на Балканот во пост-Трамповската ера.
Зошто нема датум?
Сепак, колку и да е значаен, форумот поминуваше под ’бурата‘ од ЕУ со одлуката за недавање датум за почнување на преговорите со Македонија и со Албанија. Така, форумот се искористи како можност од балканската елита за пак да ја обвинуваат ЕУ за одлуката. Акцентот на властите од Македонија повеќе беше насочен кон тоа дека ЕУ делува неправедно со условувањето на преговорите поради билатерално прашање (со Бугарија), па и дека претставниците на ЕУ треба да продолжат со притисок кон Бугарија за промена на ставот.
Но, дали навистина ЕУ не ни дава датум поради Бугарија?! Во претходните, а и во претстојните ’сигнали‘ од земјите со поголема тежина/влијание во политиките на ЕУ, како што се Франција и Холандија, дополнително и од ОБСЕ, честопати се наведува дека Македонија треба да се фокусира врз три приоритети: владеење на правото, борба против корупцијата и реформа во јавната администрација. Тоа беше случај и во текот на овој форум, каде што претставници од двете земји посочуваа дека треба повеќе да се вложи во овие области. Со други зборови, плејмејкерите во ЕУ постојано ги покажуваат реалните проблеми, за коишто политичките елити во Македонија со децении ја кријат главата в песок. Во сето ова, загрижувачки беше да се види како политичката елита на Македонија и на овој форум постојано го градеше наративот дека единствениот одговорен за недобивање на датумот е Бугарија.
Суштинските проблеми
Загрижувачки беше да се забележи како се игнорираат јавните тајни на земјата, а за коишто ЕУ е добро информирана и постојано предупредува. Кои се тие јавни тајни?! Јавна тајна е што речиси не постои казна за кривично дело (дури и за оние во тешка категорија) што не се избегнува со пари или со „човек“ на власт. Јавна тајна е дека постојат партиски тарифи за вработување во јавната администрација, или вработувања за гласови (клиентализам). Јавна тајна е дека со години постојано се менуваат законите и урбанистичките планови, се продаваат национални имоти за градење ’титаник-згради‘ во замена за 3-4 згради за потпишувачите на функција. Јавна тајна е дека „данокот“ на увози се плаќа кај функционери и нивни роднини квазиолигарси, а не во државната каса. Јавна тајна е дека луѓето на власт се променети, но начинот на владеење не е.
Наративот во годишните ЕУ-извештаи за Македонија со години остануваат со истиот тон. И во последниот, ’јавните тајни‘ се артикулираат со фин дипломатски јазик. Неколку од нив се:
„…Сепак, значително зголемување на употребата на брза постапка (при набавки) предизвикуваат загриженост и треба да бидат ограничени…“
„…Обезбедувањето почитување на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност останува од суштинско значење. Државната комисија за спречување на корупција продолжи да ги адресира наводите за непотизам, кронизам и политичко влијание во процесот на регрутирање на вработените во јавниот сектор… “
„…Сè уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акциски план на стратегијата за судски реформи…“
„… треба да се обезбеди поактивен пристап од сите чинители кои се занимаваат со спречување и борба против корупцијата…“
Доколку властите би покажале солидни резултати во суштинските проблеми, воздржаните плејмејкер-земји на ЕУ би покажале повеќе волја во надминување на политичките услови како што е сегашната блокада на Бугарија. Политичкиот услов на Бугарија поминува низ целосно обезбедување на Копенхашките критериуми, а тоа се стабилноста на институциите за гарантирање демократија, владеење на правото, институционални капацитети за синкронизирање на ЕУ-закони во земјата, итн.
Имајќи го предвид пристапот на функционерите по годишните извештаи, се добива впечаток дека финесите на дипломатскиот јазик во критиките на ЕУ ги сфаќаат како ’не толку важни забелешки!‘, или, пак, тие се свесни дека интегрирањето на европскиот начин на мислење и делување ќе значи крај на постоечката форма на владеење и балансираат меѓу тоа што се очекува од ЕУ и тоа што сакаат да го одржат.
Младите се иселуваат!
Во ваков круг, каде што ЕУ продолжува со години да посочува кон суштинските проблеми, а функционерите делуваат само како декларативни ЕУ-поддржувачи преку фасадни реформи и камуфлирана олигархија, ние се соочуваме со најгорчливата појава во последните години: масовно иселување на граѓаните, а особено на младите. Со воведувањето привилегиран пристап до германскиот пазар на трудот за граѓани од Македонија, долгите редици за работни визи пред Германската амбасада во Скопје продолжува да биде секојдневната сурова реалност пред нашите очи. Според последното истражување на Советот за регионална соработка, 71 % од младите од Западен Балкан планираат иднина во земја на ЕУ. Шегата секој ден по малку станува сурова вистина: ако ЕУ не нѐ зема како држава, ќе ѝ дојдеме еден по еден.
Како до решение?
Време е да се фокусираме врз суштинските проблеми. Време е да создадеме вистински ’општествен договор‘ за владеење на правото и на човековите права како главни столбови на европските вредности.
Како да го постигнеме тоа? Треба да вложуваме во креирање политики засновани врз анализи. Ако според истражувањата мнозинството млади би сакале да работат во јавен сектор, доволно е да се обезбеди меритократија при селекцијата или, пак, да се вложува во синхронизирање на стручното образование со пазарот на трудот во приватниот сектор и во други сектори за младите да мислат на други стабилни алтернативи. Ако, според истражувањата, Комисијата за спречување корупција, судот, Јавното обвинителство и Парламентот се најниско доверливи институции, треба да се преземат сериозни чекори во обезбедувањето независност на судството при доделувањето правда.
Нешто треба да ни е јасно и гласно: нема ЕУ-интеграција без „европеизација“.
*Самет Шабани е главен управител во Хоризон Цивитас– Здружение за граѓански активизам и поттикнување на општествена одговорност. Претходно тој работел како истражувач за надворешни и безбедносни политики при Аналитика Тинк Тенк. Неговиот фокус е насочен во темата насилен екстремизам, при што има објавени истражувања и работи на неколку проекти на оваа област. Самет има завршени додипломски студии за политички науки и меѓународни односи во Универзитетот на Истанбул, и Школа за Јавни Политики од Советот на Европа. Тој актуелно е кандидат за магистерски студии во областа Организативен Менаџмент во Меѓународниот Универзитет на Бурч (Сараево), и учесник во две програми: Школата за Политики при Председателството на Северна Македонија, и Одржлива Јавна Администрација при Универзитетот на Малмо.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.