Четириесет и четвртата сесија на Комитетот за светско наследство означи голем триумф на политиката врз науката – политика која не е особено заинтересирана за конзервација на светските наследства и комплетно ја обезвреднува улогата на заедниците, сметаат од Фронт 21/42.
Тие се длабоко загрижени за иднината на Охридскиот Регион како единствено Светско природно и културно наследство во Северна Македонија, по усвојувањето на одлуката на Комитетот за светско наследство да не го впише во Листата на светски наследства во опасност.
Ова е втор пат како Комитетот одлучува да ја отфрли експертската проценка на научниците, базирана на нивната посета на терен, овој пат алармантна бидејќи не само што заканите идентификувани во 2017 година се се уште присутни, туку во 2020 година се додадени и нови закани на веќе ранливата состојба, посочуваат од Фронт 21/42 во нивната реакција
„Научните факти за состојбата на Охридскиот Регион не беа особено релевантни за Комитетот за светско наследство, кој одлучи дека прогласувањето на светско наследство во опасност е поврзано со имиџот на владите, а не со зачувување на доброто“, сметаат од здружението.
Според нив, одлуката од 2019 година ги охрабрила македонските власти да продолжат со урбанизација на
наследството, со предложување закони кои како што подвлекуваат, носат поволности за дивоградбите, маскирани со отстранувања на неколку привремени конструкции. Притоа, да усвојуваат формални одлуки кои навидум ги спроведуваат препораките, но како што велат од Фронт 21/42, во реалноста овозможуваат продолжување на уништувањето.
„Ваквите постапки не престанаа дури ни по застрашувачкото предупредување на Реактивната Мониторинг Мисија од 2020 година дека „тековните и планираните модификации и развој забрзано ја водат веќе ранливата состојба кон точка по која нема враќање“. Стравуваме дека оваа точка на неповрат ќе биде достигната многу набрзо, благодарение на новото охрабрување кое го носи повторената Одлука на Комитетот во 2021 година да не го впише Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност. Во Фуџоу на набљудувачките граѓански организации им се даде збор во времетраење од 1 минута, по усвојување на одлуките. Ваквиот модел на „партиципативна демократија“ во која ставовите на граѓанскиот сектор и автохтоното население немаат никакво значење во процесот на донесување одлуки е дијаметрална спротивност на Архуската конвенција, донесена токму од Обединетите Нации“, реагираат од Фронт 21/42.
Тие ја критикуваат изјавата на премиерот Зоран Заев дека Охрид треба и ќе се развива и понатаму, дадена додека се разгледуваше можноста Охридскиот Регион да биде прогласен за наследство во опасност.
„За Охридскиот Регион секаква понатамошна урбанизација не е развој туку назадување и дополнителна деградација на алармантно лошата состојба. Она што е неопходно е развој на свеста, особено свеста на носителите на одлуки и на локално и на централно ниво. Поразителна е и изјавата дека никој не е одговорен за состојбата на највредното богатство во земјава – отсуството на чувство за одговорност кај македонските политичари и кон сопствената нација и кон идните генерации на целиот свет е една од главните причини за уништување на вредностите на светското наследство, од прогласувањето на независност на нашата држава до денес“, велат од Фронт 21/42.
Оттаму бараат Владата да донесе итна одлука за прогласување на вистински мораториум на секаква урбана и крајбрежна трансформација на територијата на Охридскиот Регион, односно доследно да ја спроведе препораката на Мисијата од 2020 година и Законот за управување со наследството.
До Министерката за култура и Претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, пак, апелираат да го имплементира во реалноста она што презентираше дека се спроведува за време на Сесијата на Комитетот за светско наследство и навистина да пристапи кон доследно спроведување на Планот за управување со Охридскиот Регион, почнувајќи од усвојување на новиот Закон за управување со наследството, кој според Акцискиот план требаше да биде донесен најдоцна до октомври 2020 година, активност за која се одговорни токму министерството со кое раководи и Министерството за животна средина.