Меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија од први јануари 2023 практично нема да има граници и ќе се дозволи слободно движење на граѓаните и бизнисот, најавија лидерите на овие три држави на економскиот форум кој денеска се одржува во Скопје.
Како први чекори кон поголема регионална соработка во рамките на иницијативата, која го доби името „Отворен Балкан“, Премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, потпишаа три документи преку кои треба да се подобри соработката во трговската размена, вработувањето и заштита од природни катастрофи во овие три држави.
Тие порачаа дека иницијативата е визија за иднината во регионот, преку која ќе се надминуваат пречките и ќе се гради соработката помеѓу граѓаните и бизнис секторот од трите држави.
„Разговаравме да работиме на меѓусебната доверба и дали ќе можеме да ги надминеме сите слабости на нашите администрации. Ако успееме во тоа, тогаш на 1 јануари 2023 ние немаме граници меѓу нашите земји. Границите постојат, но не и за нашите граѓани. Одите од Белград до Тирана и никој никаде нема да ве запре и обратно. Сите добиваме. Ние од Белград или Нови Сад да можеме без никакво задржување да одиме и до Скопје и до Охрид, и до Тирана и до Драч. Ако тоа успееме да го направиме за една и пол година, не знам дали разбирате дека тоа е историја. Знаете ли што ќе значи тоа за нашата трговија и нашите стоки. Тоа се по 6 до 9% пониски оперативни трошоци. Тоа нема да биде лесно, треба многу работи да промениме, но тоа е спас за нашата економија“, рече Вучиќ за планираните чекори на оваа иницијатива.
„Започнуваме нова ера на соработката, за интегриран и поврзан регион како европска вредност. Ги покануваме и охрабруваме и останатите колеги да се придружат. Заради нашите народи. Сите сме Балкан, сите сме европски Балкан. Да ја направиме визијата за заеднички политички и економски простор на Западен Балкан реалност со конкретни придобивки за сите наши граѓани“, рече Заев.
Преку Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан целта е овие три држави да соработуваат во оваа сфера.
„Во рамката на Договорот е предвидено планирање и спроведување на мерки за заштита од природни непогоди и несреќи од поплави, земјотреси, пожари, загадување на животната средина, несреќи на пловни објекти, радиолошки опасности, разни пандемии, како и индустриски и други катастрофи, взаемно известување за заканите, настанувањето и последиците од катастрофи, како и взаемна помош при спасување, давање помош и отстранување на последиците од катастрофи со копнени и воздушни сили и возила за интервенција во случаи на големи пожари, поплави, земјотреси и други непогоди“, соопштија од Владата на Северна Македонија.
Дополнително, со Меморандумот за разбирање за соработка во врска со слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, според Владата се изразува волјата да се олесни движењето на луѓето за да се обезбеди полесен и послободен пристап до пазарот на трудот, со отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките за дозволите за привремен престој. Истовремено, Меморандумот за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан има за цел да ја зголеми и зајакне економската соработка меѓу трите земји.