По пријава од граѓани за излеана темна дамка во реката Вардар кај Градско, Државен инспектор за животна средина (ДИЖС) темелно ги истражило можните извори и утврдило дека излевањето потекнува од оранжериите Вардар АД од Градско.
„Според информациите, мазутот не се користел и истекувањето се случило од небрежност и неодржување на складиштето со преостанатите резерви. За правното лице е изречена казна од 20.000 евра во денарска противвредност за загадување на површински води, согласно Законот за води“, соопштува ДИЖС.
Од таму велат дека наредено е и чистење на остатоците од излевањето во кругот на оранжериите, како и склучување договор со компанија лиценцирана за транспорт и отстранување на опасен отпад.
„Наредниот ден е извршен и дополнителен контролен надзор при кој е утврдено дека правното лице има постапено по наредбата“, велат од ДИЖС.