Претседателот Стево Пендаровски нема да ги потпише измените на Изборниот законик во сегашната форма, пред се’ поради 2-та отсто праг за независните кандидати за претстојните локални избори, кои треба да се одржат на 17 октомри.
Шефот на државата на денешниот брифинг со новинари нагласи дека нема поента тој како претседател да се кандира со 10.00 потписи, а исто толку потписи да се потребни и за советници во Град Скопје.
Предложените измени, вели Пендаровски, би ги потпишал само доколку прагот за независните кандидати се постигне со поширок општествен и политички консензус.
На брифинг со новинарите беше посочено и дека е непримерно за толку кусо време пред изборите да се менува Изборниот законик, што не е согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР, тоа да не се прави шест месеци пред избори.
Измените на Изборниот законик на предлог на група пратеници веќе влегоа во собраниска процедура и тие освен препораките на ОБСЕ/ОДИХР, содржат и компромисен предлог за начинот на спроведување на престојните локални избори.
Како што пренесува агенцијата МИА, отворените листи се дел од компромисниот предлог, како и прагот од три отсто за преференцијалните кандидати за советници, за кој имаше забелешки, особено од помалите партии, но реакциите особено беа во однос на два отсто изборен праг за оние кои на изборите сакаат да учествуваат со независни листи.
Истовремено, Делегацијата на ЕУ ги смета за релевантни упатствата и препораките на Венецијанската комисија, кои собирањето потписи за независни кандидати и листи на избори го поставуваат на најмногу еден отсто од регистрираните гласачи во конкретната изборна единица.
„Венецијанската комисија има усвоено упатства за избори кои се релевантни за оваа дискусија. Тие прeдвидуваат дека претставувањето на индивидуални кандидати или листи на кандидати може да се услови со собирање минимален број потписи. Меѓутоа, тие, исто така, наведуваат дека законот не треба да бара собирање потписи на повеќе од еден отсто од избирачите во конкретната изборна единица“, велат од Делегацијата за 360 степени.
Инаку, вчера за измените на Изборниот законик реагираше и Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), од каде обидот за зголемување на прагот за собирање потписи го окарактеризираа како „политичка корупција“.
„Предложените измени ќе овозможат зголемено влијание на политичките партии врз советниците при носење на одлуки во интерес на партиски цели, со истовремено намалување или анулирање на учеството и влијанието на поединци и граѓанските здруженија во општинските совети при носење на одлуки кои директно се однесуваат на квалитетот на животот на граѓаните во една општина“, соопштија од ДКСК.
По повод реакциите од повеќе здруженија во земјата, како и Иницијативата од „Зелен хуман град“ доставена до ДКСК, антикорупционерите укажаа на потреба од голема транспарентност и инклузивност на поголем број чинители во процесите со кои се носат одлуки, кои за ефект имаат ограничување или намалување со Устав загарантираните права.