Две езера во крајбрежниот регион Патагонија во Аргентина станаа флуоресцентно розови поради се’ уште необјаснети феномени, а еколозите веруваат дека тоа може да е предизвикано од индустриска контаминација и да е многу штетно, пренесува Ројтерс.
Езерата, лоцирани во близина на индустриски парк во предградието на аргентинскиот град Трелев, се наоѓаат на прашливата патагониска рамница.
Во објавите на официјалната веб-страница на општината Трелев се наведува дека локалните власти неодамна наишле на камион што фрла отпад во одводот.
Властите дадоа противречни мислења за локалните медиуми за тоа дали ненадејната промена на бојата на езерото е штетна, но еколозите се мошне загрижени.
Локалниот активист Пабло Лада, член на Аргентинската национална еколошка мрежа, за Ројтерс изјави дека ова потенцијално може да се должи на бојата што им се дава на ракчињата одгледувани во близина за да ја добијат нивната типична розова нијанса.
„Мислам дека оваа розова лагуна открива колку лошо се постапуваше со отпадот во близина и во самото езеро“, рече Лада.
Локалните и регионалните службеници за заштита на животната средина ги истражуваат причините и потенцијалните оштетувања на езерата, но сѐ уште немаат донесено заклучоци.