Првата стихозбирка на авторката Љубица Шопова ќе биде промовирана во четврток, 8 август во кафе книжарницата „Буква“. Промоцијата ќе започне во 20 и 20 часот, а промотерка на стихозбирката ќе биде поетесата Ана Голејшка Џикова.
„Форми на создавање“ е во издание на ПНВ публикации, а модераторка на настанот ќе биде Јулијана Величковска.
„Поетскиот првенец на Љубица Шопова, насловен „Форми во создавање”, претставува концептуално доследно осмислено, поетички зрело и мајсторски заокружено поетско остварување. Во секоја песна на Љубица Шопова се излегува од ’зоната на комфорот‘ на готови и испробани поетски формули“, вели за книгата професорот Владимир Мартиновски.
Поетесата, а воедно и промотерката на стихозбирката, Ана Голејшка, вели дека дебитантската стихозбирка на Шопова плени бидејќи сѐ што е напишано е тука за да се создаде.
„Низ песните, Љубица ја раскажува прогнозата за животот, преку силните (раз)врски со семејното јадро, мајчинската топлина, ритуалите со таткото, врската со она што е внатре, во домот, но и предизвикот свртен кон надвор, кога времето истекува низ годините. Притоа, темите се како месо, крв и роботика – песните функционираат на ниво со современото употребување социјални медиуми, компјутери, алатки што го поврзуваат човекот со иднината, со она што е форма на ново создавање, нова креација“, се осврнува Голејшка.
Настанот ќе се одржи со почитување на препораките и протоколите за заштита од Ковид-19.