На 22 август, со почеток од 21 часот во зградата на Скопската пошта ќе се одржи концерт на најбрзиот пијанист на светот, Љубомир Мелник, кој за прв пат доаѓа во Скопје.
Користејќи ги неговите извонредни пијано способности за да генерира над 19,5 ноти во секунда во секоја рака, Мелник е најбрзиот пијанист некогаш снимен. Од раните 1970-ти произведе неверојатен опус од повеќе од 120 дела, повеќето за соло или двојно пијано и отвори целосно нови патеки во современата музика.
„Мелник е еден од најфасцинантните пијанисти и композитори на нашето време. Беше наречен „Пророк на пијано“ поради неговата животна посветеност на инструментот и за неговата работа во поместувањето на границите на тоа што може да се направи со него. Во средината на 1970-тите, додека живееше во Париз, тој создаде „Континуирана музика“ – тотално нов јазик за пијано, кој бара неверојатни технички способности, кои го користат целиот природен глас на пијаното. Може веднаш да се препознае дека оваа музика е основана во традиционалната класична техника за пијано, со сеќавање на Лист и Брамс, но исто така содржи многу влијанија од источната филозофија, како и минималната музика, комбинирајќи ги во прекрасна мешавина на модерни романтични хармонии и мелодии“, соопштија од МКЦ – Скопје, кои го организираат настанот.
Повеќе информации за концертот може да најдете на следниов ЛИНК.