Од вчера до денеска напладне во селото Дренак изгореа 14 куќи и едно школо, соопштија од Центарот за управување со кризи во редовниот извештај за состојба со активни пожари во земјава. Пожарот во селото Дренак кон Отошница – општина Ранковце, моментално е локализиран, но постои опасност од повторно активирање. Во гаснењето на пожарот биле ангажирани 13 војници од АРСМ и 7 пожарникари од општина Ранковци. Околу 07:30 испратени биле и 4 хеликоптери од Р.Србија и 25 војници од АРСМ од кои 13 во с,Дренак а 12 во с.Вржогрнци – општина Ранковце.
Во Кумановскиот регион ЦУК известува за шумски пожар во почетна фаза во реонот на с.Алинце кон с.Брешко. Пожарот во с.Мургаш пак кој синоќа беше изгаснат околу 04:00 повторно се активирал, а уште е активен и пожарот во атарот на с.Коњух, кој избувнал на непристапен терен за возила.
Во Струмички регион активен е пожарот во месноста Погана кој започна на 1 август и зафати површина од околу 800 Ха ниско стеблеста шума. Во Битолскиот регион, активен пожар има во атарот на селата Ракле – Никодин – Топлица, општина Прилеп. Командирот на ТППЕ Прилеп изјавил дека побараната помош од армијата во текот на вчерашниот ден, до овој момент не е потребна, но со командантот на касарната е договорено војската да биде припремна и на готовс, доколку има потреба ќе бидат активирани, известуваат од ЦУК. Пожарот во нискиот дел е под контрола со слаб интензитет, а гори во високиот дел каде е непристапен теренот.
Во Штипскиот регион активен е пожарот од 02 август, кај м.в.Бајаз Тепе – општина Пехчево. Зафатена е високостеблеста борова и дабова шума со што доаѓа до негово ширење, нискостеблеста вегетација, стрништа и пасишта. Екипите работат на негово локализирање, а се очекува и поддршка од хеликоптерите. Се уште е активен пожарот во атарот на с.Нов Истевник маало – Пасјак, во дијаметар од 9 км. До овој момент е опожарена површина од околу 350 хектари со борова шума и нискостеблести растенија. Во гаснењето на пожарот е ангажиран и армиски хеликоптер. Пожарот се шири во правец на маало Балабанци. Активен пожар има и на потегот Костин Дол – Ново Село, општина Кочани.
Во Скопски регион гори мешана шума на непристапниот предел на сртот над Катлановска бања, а во тетовско пак гори депонијата во с.Нераште – општина Теарце.