Изнемоштените лица од селата Нов Истевник и Стар Истевник во Делчево се евакуирани, а испратен е апел за евакуација и на останатите, поради катастрофалната ситуација со пожарите на Истокот, каде се блокирани и патиштата, изјави за Радио МОФ, градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.
Најновиот апел на градоначалникот е во градот да се евакуираат и жителите на селата Тработивиште и Вирче, со цел, како што рече, доколку настане катастрофален пожар да нема човечки жртви.
„Пожарот дивее од село Нов Истевник, се спушти над Тработивиште. Сега сите сили што ги имаме се стационирани овде, на еден одбрамбен фронт за да го спасиме село Тработивиште, односно да не навлезе огнот. Овде ги имаме нашите бригади територијални противпожарни, од Армијата имаме противпожарни бригади, имаме противпожарни бригади од Бугарија, од Република Словенија кои што ни се дојдени на помош овде во оваа огнена стихија кои се од големи размери“, изјави Трајковски.
Пехчево – Ситуацијата е алармантна, повеќе од 24 часа пожарникарите месното население и доброволците неуморно се борот против огнените стихии. Бог нека ви даде сила херои наши !!! pic.twitter.com/j16BlN3jaJ
— Хронично Ненаспиена (@nenaspiena) August 5, 2021
Жители на селото Истевник преку социјалните мрежи уште утрово бараа помош од огнената стихија откако огнот почна да се доближува до куќите.
Во моментов, во околината на пожарот кој се шири кон Тработивиште со багери се прават пресеци пред селото со цел огнот да не премине преку нив, објаснува Трајковски.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) претходно информираше дека во 13 часот, во регионот изгореле 750 хектари борова шума, но Трајковски се сомнева дека пожарот опфатил територија од околу 2 до 3 илјади хектари.
„Цел Пијанец, цела Малешевија е уништена со шумскиот фонд. Мислам дека во Делчево е сега најкритична ситуацијата, можеби овој пожар да се прошири кон село Црник, на територија на Општина Пехчево, меѓутоа не знам дали има информации дали огнот влегол во селото или е во правец кон селото“, изјави тој.
На терен, во регионот на Делчево и Пехчево со огнената стихија, како што информираше министерката за одбрана Радмила Шеќеринска се борат 400 припадници на Армијата.
Инаку, како што претходно информираа од ЦУК, пожари, меѓудругото се активни и на потегот Костин Дол – Ново Село и во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица во Штип.
Пожари исто така избувнаа и во скопските села Ракотинци и Кучково, а гори и во селото Лешани во охридско.
М.К.