Под мотото „Биди херој, излези и избори се за достоинствен живот“, Коалицијата „Менуваме“ денес од 19 часот најавува протест од пред Влада и потоа марш до Собрание, барајќи поддршка од граѓаните за остварување на правата на еднаквост, достоинствен живот и активно вклучување во целокупниот економски, културен, општествен живот на лицата со попреченост.
„Нам овие права ни се гарантирани согласно сите меѓународни конвенции и Уставот, меѓутоа поради невидливост во системот, остварувањето на овие права не е прилагодено на нашите потреби и можности, како лица со попреченост. Се надеваме на поголема инволвираност од Ваша страна како систем, бидејки според сите Конвенции, ЕКЧП, прашањето на попреченоста е и политичко прашање“, соопштуваат од „Менуваме“.
Исто така напоменуваат дека после одржаната средба во Владата, претставниците од Владата побараале да издвојат три приоритетни барања. Оттука, „Менуваме“ бара покачување на додаток на попреченост од 7.100 на 12.000 денари, посебниот детски додаток да порасне од 5.100 на 10.000 денари, и додатоците да се изедначат со минималната плата во државата во следните две години.
Понатаму, бараат симнување на границата за добивање на додаток од 26 на 18 години, а исто така – Регистар за лицата со попреченост, дневни центри и центри за рехабилитација.
„Цениме, сега и веднаш! Македонија ја има ратификувана конвенцијата на правата на лицата со попреченост на ОН во 2011 година, по што е должна да ги оствари преземените обврски за гарантирање на правата на лицата со попреченост“, соопштува „Менуваме“.
Од таму велат дека Комитетот при ООН за правата на лицата со хендикеп по основ на имплементација на член 28, став 45 посочува со цел да се гарантира соодветен животен стандард на лицата со попреченост, преку компензации во форма на паричен додаток кој би овозможил лицата со попреченост да можат да ги покријат трошоците поврзани со попреченоста.
„Државата да ги укине одредбите за лицата со попреченост кои според возраста ги квалификува да пристапат до социјални бенефиции, да алоцира одредени парични додатоци и надоместоци за децата со попреченост: да обезбеди итна материјална помош за биолошките и згрижувачките семејства, како и препораките од член 19 став 32, да усвои мерки преку кои ќе се осигура дека лицата со попреченост имаат законско право на доволен личен буџет за независно живеење, да ги земе во предвид дополнителните трошоци кои се однесуваат на попреченоста… Од овие причини, бараме зголемување на износот на сите додатоци по основ на попреченост како и посебниот детски додаток. Истовремено, да им се овозможи можност да ги покријат трошоците кои се поврзани со попреченоста (вклучувајќи и не ограничувајки се на лекови, суплементи, физикална терапија, сензорни соби, помошни помагала и слично, соодветно на состојбата и возраста на лицето), а и да можат активно да бидат вклучени во целокупниот општествен живот (што вклучува транспорт, влезници/котизации, финансиска можност за негување на интереси и хобија)“, се вели во повикот за протест на „Менуваме“.
По најавата за протестот, се јавија од Министерството за труд и социјална политика, од каде тврдат дека интензивно работат на инклузијата на лицата со попреченост во држават.
„Потврда за тоа е и постојаното проширување на мрежата на дневни центри за децата со попреченост. Неодамна МТСП го отвори дневниот центар за лицата со попреченост во Липково, а во тек е и изградба на центри за деца со попреченост и во општините Делчево, Чашка, Боговиње и во Скопје. МТСП веќе информираше дека минатата недела склучи и два нови договори за соработка со општините Карпош и Тетово, со поддршка на Светска Банка, за отворање на дневни центри за деца со попреченост. Овие два центри преку стручните тимови ќе обезбедуваат индивидуални и групни третмани, според претходна проценка на потребите на вкупно 62 деца со попреченост“, се вели во соопштението на МТСП.
Исто така, тврдат дека МТСП и министерката Јагода Шахпаска доследно работат на имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН, но, велат тие „тоа е процес кој не може да се заврши за неколку месеци туку се потребни системски и одржливи решенија, особено ако претходно немало никаков напредок на ова поле“.
Понатаму, МТСП вели дека е предвидено покачување на надоместокот за попреченост за најмалку 15 проценти, но неговата реализација поради пандемијата била пролонгирана за наредната година.
„Во тек е проект за унапредување на пристапот на лицата со попреченост на отворениот пазар на трудот, за што се разгледуваат искуства од другите земји, а веќе е отворена и јавна расправа кај нас со сите засегнати страни. Со измените на Законот за социјална заштита се зголеми достапноста на правото за користење на личната асистенција, односно се намали возрасната граница за лични асистенти од 18 на 6 години. За спроведување на оваа измена, само за оваа година, обезбедени се средства за 200 дополнителни асистенти, а доколку има потреба од повеќе асистенти нема пречки да се зголеми и оваа бројка. Во делот на зголемување на инклузијата и независноста на лицата со попреченост, МТСП заедно со Националниот сојуз на слепи лица и УНДП неодамна го пуштија во употреба и аудио читачот- апликација за лица со оштетен вид, кој овозможува олеснет пристап до информации, независност во движењето и завршувањето на секојдневните обврски“, соопштува МТСП.
Инаку, „Менуваме“ веќе протестираше и маршираше од Влада до Собрание на 20 јули, кога луѓето со попреченост, нивните семејства и здруженијата побараат достоинствен живот и почитување на правата за еднаквост во македонското општество.