Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро реагира на вчерашното организирање на настанот во Државниот архив и изјавата во таа прилика дадена од првиот вицепремиер, Артан Груби, при што не се обезбедени соодветни услови за следење на настанот за медиумските екипи, а кои од организаторот биле поканети да го проследат. ССНМ особено реагира, како што велат, институциите кои го организирале настанот, не биле почитувани мерките за заштита од Ковид-19.
„Во услови кога дневно бројките на новозаболени од коронаворус се искачуваат до 400, необезбедување на соодветни услови за работа на новинарите претставува загрозување на нивното здравје. Ваквиот однос кон медиумските работници е неприфатлив кога доаѓа од кој и да е субјeкт, а особено е неприфатливо кога доаѓа од владини и државни институции, од вицепремиер, кои всушност треба да бидат пример како се почитуваат и спроведуваат мерките. Државниот архив, како и вицепремиерот Груби и луѓето од неговиот кабинет, не само што не ги почитуваа мерките за заштита, туку и со тоа непочитување го загрозија здравјето на новинарите и медиумските работници кои ги поканиле да го проследат нивниот настан“, се вели во реакцијата.
ССНМ притоа го смета за непримерен одговорот на вицепремиерот Груби на забелешката на новинарите, снимателите и фоторепортерите кои биле присутни на настанот дека тој и луѓето околу него не носат маски и оти се се случува во просторија каде нема доволно простор за дистанца, на што тој одговорил дека ако може во кафеана и во кафетерија четворица да седат на мса, можат и двајца да држат состанок без маска.
„Со тоа вицепрмеиерот Груби не само што не ја почитува уредбата за носење на маска во затворени простории, вклучитено и институции, туку институциите, но и новинарската работа ја спореди со кафеана. Притоа сакаме да потсетиме дека токму на инсистирање на ССНМ и на ЗНМ лани Владата донесе правилник/протокол за организирање на настани за медиуми за кои бараме доследно да се почитуваат од сите државни и владини претставници, за да се заштити здравјето и да се намали изложноста на новинарите и медиумските работници на Ковид-19 за време на извршување на нивните работни задачи. ССНМ потсетува дека новинарите и медиумските работници кога одат на настан одат да извршуваат работна задача, а не одат во кафеана“, велат од синдикатот.
ССНМ ги повикува сите новинари и медиумски работници доколку не се обезбедени потребните услови за безбедно следење на настаните, односно почитување на протоколите од субјектите кои ве поканиле да ги проследите нивните активности да укажете, да го напуштат настанот и да пријават до ССНМ.