2000 години стар киоск за храна и пијалоци кој минатата година беше откриен во римскиот град Помпеја, ќе се отвори за туристите овој месец, пренесува „Бизнис инсајдер“.
Отворањето на пра-киоскот ќе се случи на 12 август, а локалот е именуван како „Термополиум“ што на латински значи „место за топол пијалок“.
Киоскиот и околината беа откриени како дел од археолошкиот парк „Регио V“. Дури и пред 2000 години, минувачите во киоскот можеле да се послужат со свинско, риба, полжави, но и говедско. Археолозоите за ова пронашле докази на самиот локалитет.
Биле пронајдени делови од коски на патка, но и семиња во прав кои биле користени за да се промени вкусот на виното.
Шанкот кој е украсен со фрески во светли бои, е еден од ретките целосно зачувани примери, имајќи предвид за неговата старост.
„Шанкот е доказ за секојдневниот живот во Помпеја, а можностите за истражување што ги нуди откритието се многу големи бидејќи за прв пат имаме откриено толку зачуван артефакт“, изјавил Масимо Осана, генералниот директор на археолошкиот парк „Помпеја“ за „Гардијан“.