„Ако на овој мраз му требаат 6 часа да се истопи, колку време ќе им треба на глечерите да се стопат?“, ваков натпис осамна врз куп мраз во центарот на Скопје. Ова претставува урбана акција на Центарот за современи уметности Скопје која е посветена на битките со глобалното затоплување и климатските промени.
Како што велат организаторите, идејата на акцијата е на едноставен начин на граѓаните да им се покаже колку брзо се топи мразот на високите температури, како и да се потсетат дека еднакво како што мразот се топи на врелиот асфалт, истото се случува и со поларните глечери.
„Се проценува дека доколку не се превземат драстични мерки целосно ќе се стопат до крајот на овој век, а нивото на морето ќе се крене за 2 м. Со овие климатски промени милиони луѓе ќе бидат приморани да ги напуштат своите домови а милиони хектари обработливо земјиште повеќе нема да може да се обработува. Kлиматските промени се реалност и се почесто ги чуствуваме на сопствената кожа, веќе не е прашање дали ќе се случат туку какво ќе биде нивното влијание и во колкава мера ќе ја погодат планетата Земја и каква ќе биде состојбата во Македонија“, стои во соопштението на организаторите.
Дополнително, тие велат и дека сакаат уште еднаш да ги потсетат граѓаните и властите и да се подигне јавната свест во земјава, за што е можно поодржливо користење на природните ресурси, во прв ред шумите и водите, за кои велат дека се сериозно загрозени.