МОН: Учебната година започнува на 1 септември, досега вакциниран околу 60% од кадарот

Во услови на пандемија преку пристап со кој ќе се обезбеди непречено одвивање на наставата и заштита на јавното здравје, Министерството за образование и наука (МОН) интензивно се подготвува за започнување на новата учебна година од 1 септември, велат оттаму.

Досега, како што информираат тие, од вкупно 31.447 лица вработени во училиштата, вакцинирани се вакцинирани околу 60%, а истовремено тие апелираат наставниот и останатиот кадар да се вакцинира со цел да го заштити сопственото здравје и здравјето на најблиските.

„За непречен почеток на новата учебна година системот за образование е подготвен за три сценарија кои се усвоени на владина седница. Првото за кое воедно и се залагаме, затоа што е од најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива е целосно
отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно сите усвоени протоколи. Второто сценарио предвидува наставата да биде како и во 2020/2021 која што се покажа како успешна и ефективна – дел од учениците да посетуваат настава со
физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн-настава и третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање“, стои во соопштението на МОН.

Од министерството додаваат дека ќе зависи од епидемиолошката состојба, кое од трите сценарија ќе се применува, за што одлука ќе донесе Комисијата за заштита од заразани болести.

„За оваа намена, МОН во соработка со Комисијата за заштита од заразни болести ги изработија Планот за одржување на наставата во учебната 2021-2022 година и протоколите за постапување на основните и средните училишта и истите пред повеќе од 1 месец беа усвоени од страна на Владата и веднаш доставени до сите училишта, а воедно и јавно објавени на www.mon.gov.mk“, додаваат од МОН.