Медиумската организација на југоисточна Европа (SEEMO) изрази загриженост од предложените измени за законот за медиуми во Македонија, откако тој беше поделен на два дела – предлог закон за медиуми и предлог закон за аудио и аудио0визуелни медиуми кои, како што стои во соопштението, може да претставуваат основа за злоупотреба, задушување и независноста на медиумите и нивно ставање под контрола на државата
Организацијата соопшти дека ја поддржува иницијативата на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со која беше повикано Собранието да го одложи спроведувањето на законите, така што загриженоста за нивната можна злоупотреба би се отстранила. Од SEEMO посочуваат дека постојат повеќе проблематични елементи, вклучувајќи ги и амандманите со кои на предложената нова Агенција за аудио и аудиовизуелни услуги и се дава авторитет над печатените и онлајн-медиумите, како и тоа што предлозите исто така заменуваат било какви системи на саморегулација, а креираат ново регулаторно тело со членови од државните институции кои ќе имаат право да издаваат лиценци за емитување како и да доделуваат казни врз основа на нејасно дефинирани интереси на граѓаните.
Од SEEMO, исто така, реагираат на амандманот во законот за аудиовизуелни медиумски услуги кој би требало да воведе нови субвенции од државниот буџет, што според организацијата чие седиште е во Виена, би можело да ги стави медиумите под политичка контрола, и не би ја гарантирале независноста на директорот на новата Агенција за аудио и аудиовизуелни медиуми. Велат, освен грижата за овие предлози, кои генерално се критикувани од македонските новинари, странските дипломати и експерти, според нив нема потреба од дополнителни менувања на нацрт-законите.
„Загрижен сум дека овие закони би биле употребувани да ги замолчат критичките мислења на медиумите“, вели генералниот секретар на СЕЕМО, Оливер Вујовиќ. „Властите во Скопје треба да предложат закони кои целосно се во согласност со меѓународните стандарди, а со овие предлози тоа не е случајот“.