Иако младите се сметаат за перспективата на државата, тие се и најизложени кога станува збор за кршење на работничките права, укажуваат од Секцијата на млади при Сојузот на синдикати на Македонија.
Заедно со младите вработени, членови на синдикатите од регионот и Европа се приклучуваат кон одбележувањето на Меѓународниот ден на млади, 12 август. Воедно, го поддржуваат барањето за нов социјален договор, кој ќе се основа на 5 клучни принципи – работнички права, сигурни работни места, социјална заштита, заштита од дискриминација и инклузија во општеството.
„Во услови на глобална здравствена, но и економска криза предизвикана од корона вирусот, ние повторно потсетуваме на фактот дека од почетокот на здравствената криза, од вкупната бројка на лица кои останаа без работа како резултат на кризата, речиси 30% од нив се млади лица под 29 години (тука несметајќи ги лицата кои работат во неформалната економија) што значи дека секој 4ти човек кој останал без работа е млад човек. Според нашите податоци, најголем број на млади лица кои го загубиле своето работно место имале договор за вработување на определено време, што го потврдува податокот дека младите лица се една од најранливата категорија на лица кога станува збор за работнички права, работат на црно, имаат договори на определено, земаат плата пониска од останатите и работат на понесигурни работни позиции“, велат од Секцијата на млади при ССМ.
Поради ова, едно од нивните барања е ограничувањето на договорите на определено време од 5 години да се намали на 1 година, по што би следела трансформација на работниот однос од определено во неопределено време. Со ова, сметаат од младинската секција при ССМ, младите би добиле една сигурност во креирање на нивните идни планови.
„Само на тој начин ќе го спречиме одливот на мозоци и младите својата перспектива ќе ја гледаат во сопствената држава“, истакнуваат од младинската секција при ССМ.
Периодов огромен број активности ги насочуваат кон информирање на младите, обука и нивно оспособување, да бидат активни креатори на економските и општествените процеси врз принципот на современите технички, технолошки и развојни можности, но и со доследно почитување на човековите права, без дискриминација и целосна грижа за човековото достоинство.
Одбележувајќи го овој ден, организираат и низа активности на терен, во различни градови од државата, со цел поголема достапност за навремено, стручно и превентивно делување при заштитата и унапредување на работничките права, како и доближување на синдикатот до младите.
„На овие средби, ја промовираме првата бесплатна мобилна апликација: ССМ- Мои работнички права која на работниците и граѓаните им овозможува преку користење на своите мобилни телефони да пријават прекршување на работничките права до Сојузот на синдикатите на Македонија и тоа за себе, за друго лице или анонимно. Новата мобилна апликација, претставува една нова, современа и лесно достапна алатка за пријавување, консултирање и информирање за работничките права во најкус можен рок. Ги охрабруваме сите, особено младите луѓе да ја искористат оваа апликација и навремено да добијат информации за своите работнички права“, повикуваат од младинската секција при ССМ.