Музичкиот проект Hercules & Love Affair доаѓа на единаесеттото издание на музичкиот фестивал „Здраво Млади“ кој ќе се одржи на 26 и 27 август во паркот на МКЦ, најавуваат од Младинскиот културен центар.
„Енди Батлер, најпознат по проектот Hercules & Love Affair е предвесник на електронската музичка сцена уште од самите почетоци на HALA и нивниот деби-албум објавен за издавачката куќа DFA. Неговата релевантност и способност да ги предвиди новите движења во електронската музика се евидентни, особено со последното EP со наслов ‘Change. Во последните 25 години, Andy е познат по неговиот еклектичен, интуитивен и крајно персонализиран пристап кон миксањето и селекцијата на музика. Неговиот звук е разнолик и рефлектира кон Hercules and Love Affair, но црпи и од бројните ремикси со артисти како Roisin Muprhy, Chromeo итн. Неговата посветеност кон музиката секогаш одела паралелно со неговата фасцинација од слободата, која ја носи диско-хедонизмот“, објаснуваат од МКЦ.
Како што посочуваат тие, без разлика дали неговиот настап е на хаус-подиумот на ‘Panorama Bar’ или настапува во ‘Block 9’ на ‘Glastonbury’, Енди, како што велат, има моќ да ја пренесе публиката низ седум мориња и седум океани.
Досега за овогодишното издание на фестивалот се најавени „Viagra Boys“, „Noga Erez“, „Blackstate“, „Belgrado“, ИСКРА, „Shortparis“, „Murman Tsuladze“ и Пеки Пеле.
Билетите се достапни на билетарница МКЦ и онлајн преку www.bileti.mkc.mk.