„За почиста Македонија“ утре повикува на еко-акција „За почист Центар“

Во исчекување на претстојнaта тура „TrashTour“ низ Македонија, платформата „За почиста Македонија“ овој пат повикува на акција со фокус на Центар.

Акцијата „За почист Центар“ ќе се одржи утре (сабота, 15 август) со почеток од 17:30 часот. Зборно место е улицата „Мирче Ацев“, спроти катната гаража „Разловечко востание“.

„По текот на улицата од ‘Холидеј Ин’ до Олимписки, на целиот паркинг спроти ‘Холидеј Ин’ и по тесните сокаци меѓу старите куќи во Ново Маало е полно со шишиња пиво, хартии, пикавци и амбалажи. Да затегнеме ракавици, да заигра некоја метла и со многу малку труд за неполни 2 саата ова место повторно ќе заблеска, а и ќе инспирираме и нови луѓе да ни се приклучат на следните акции, заедно кревајќи ја општата свест за преземање акција кон почиста иднина! Ние носиме музика, добри вајбови, ќеси, раквици и нови пријатели. Вие понесете желба за промена. За почиста Македонија!“, се вели во најавата за акцијата.

Акцијата е организирана како дел од проектот „Еко Турнеја – Македонија“ и е финансиран од Фондацијата Отворено Општество – Македонија.

Инаку,  „TrashTour“ низ Македонија, односно еко-акции за чистење од 24 август до 29 август ќе има секој ден по редослед во Кичево, Охрид, Прилеп, Кавадарци, Струмица и Штип.

„Да, тоа е тоа што мислите… одиме на Еко Турнеја низ државата! Пазете се следниот пат кога ќе фрлите ѓубре некаде – секаде сме сега. Нема кај да се криете. За да ја оствариме нашата цел за почиста Македонија одлучивме да ги прошириме нашите чистки на национално ниво. Сепак не можеме да очекуваме голема промена со делување само во главниот град“, стои во најавата за еко-турнејата.

Радио МОФ веќе пишуваше за „За почиста Македонија“. Иницирана е од Петар Стевановиќ од Скопје, студент на Универзитетот „Гоце Делчев“ и вљубеник во природата. Тој се сеќава дека уште како дете ги минувал целите лета кај неговиот дедо во селото Витолиште. Но, секогаш кога е во природа, во неговата торба собира расфрлено ѓубре од несовесни граѓани. Тоа со време му станало навика кога оди на планинарење, па затоа и ја креираше платформата „За почиста Македонија“.

Ова еко-движење почна со чистки на планини и излетнички места како Којзак и Водно, за потоа да се фокусира и на градовите. Едно од прашања што Петар и екипата го поставуваат е: „Пред нашите очи го гледаме нашиот дом – зошто сакаме да живееме вака?“.

Б.Ш.