Човештвото на 29 јули ги потроши ресурсите за оваа година, сега живееме на кредит од Земјата

Човештвото на 29 јули ги потроши ресурсите за оваа година! Луѓето користат толку еколошки ресурси како да живееме на 1,7 планети. EarthOvershootDay секоја година се поместува сѐ порано и порано, што значи дека луѓето трошат многу повеќе отколку што планетата може да обнови. Безмилосното искористување на водата, храната, енергијата и минералните суровини нѐ водат во многу неизвесна иднина во која генерациите кои ќе дојдат ќе страдаат за работите кои ние денес ги земаме здраво за готово, објави Мета.

Овој клучен датум секоја година се пресметува од Global Footprint Network, меѓународна истражувачка организација која ја набљудува употребата на природните ресурси и материјали од страна на човештвото, како и еколошките штети што ги предизвикуваат. Од 1974 година, кога ресурсите се искористија на крајот од декември, секоја година денот се поместува сѐ понапред и понапред. Тоа значи дека годинава од 29 јули до 31 декември живееме на своевиден кредит.

Фото: Еко свест, Global Footprint Network

Во светот, под хаштагот #MoveTheDate, веќе одамна се апелира за штедење на ресурсите и се споделуваат добрите практики за одржлив развој. Екологистите од светот нагласуваат дека за да опстане човештвото мораме да престанеме да ги позајмуваме идните ресурси на Земјата и да ја вратиме потрошувачката на одржливо ниво.

Годинава постигнавме лош рекорд

Ова е најраниот EarthOvershootDay што сме го имале! Пандемијата минатата година предизвика извесно намалување на глобалното искористување на ресурсите, но годинава, како што економиите забрзано работат да го надоместат пропуштеното за време на локдаунот, се вративме и го надминавме нивото од 2019 година. Во споредба со минатата година, имаме зголемување од 6,6 отсто на јаглеродниот отпечаток и намалување од 0,5 отсто на глобалниот био капацитет на шумите. Осиромашувањето на дождовните шуми во Амазон и наглото враќање на нивото на емисии и потрошувачка пред пандемијата се едни од главните причини за тоа.

Македонија е една од земјите со дефицит во биокапацитетот со 111 проценти на надминување на еколошкиот отпечаток во однос на биокапацитетот. Тоа нѐ прави една од државите коишто придонесуваат за претераното искористување на ресурсите на планетата. Од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“, велат дека во услови кога сме соочени со климатска криза, приоритет мора да биде промената на економските системи во насока на реупотреба на веќе произведени добра како би ја намалиле потребата за нови ресурси. Истовремено, за да се променат економските системи, луѓето итно мора да ги сменат своите навики.

Лешница, на Шар Планина. Фото: Проект STEP

„Ги трошиме ресурсите неодржливо и забрзано и како што кажува и самата анализа, ова значи дека ако сите живееме и трошиме ресурси како жителите на САД, би ни биле потребни пет планети Земји, а ние имаме само една. Кога ќе ги исцрпиме ресурсите од кои зависиме едноставно нема да има како да преживееме. Но, имаме избор. Можеме да одбереме електрична енергија од сонцето, да штедиме електрична енергија и да купуваме штедливи апарати, да ги поправаме апаратите секогаш кога е можно пред да купиме нови, да не купуваме производи во пластика и амбалажа, да реупотребуваме производи и да ги рециклираме, да штедиме вода, да се движиме пеш и со велосипед, вели Ана Чоловиќ -Лешоска од „Еко свест“.

Концесиите за рудници и копови, но и селекцијата на отпад се горливи проблеми за земјава

Пример за лошо управување со ресурси се спорните концесии издадени за рудници кај нас. Многу од нив се планирани во региони од каде ја добиваме речиси целата храна. На тој начин би ги исцрпиле ресурсите како злато и бакар со уништување на плодна почва и би оневозможиле производство на храна. Покрај тоа, како држава мораме итно да воведеме систем за селекција на отпад и современи регионални депонии со постројки за рециклирање и доследно и неселективно спроведување на постојните закони во земјата.

Фото: Фејсбук група „Спас за Валандово“

„Никогаш не е доцна додека сѐ уште има останато многу што да се направи. Но, ние мора да сфатиме дека во моментов се бориме да обезбедиме иднина за нашите деца и внуци на планета која се загрева забрзано. Сите имаме одговорност секогаш кога носиме одлуки за нов електричен апарат или ново возило или мобилен телефон“, вели Чоловиќ-Лешоска.

Мета