Министерството за образование и наука (МОН) информира дека објавени се резултатите од Конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови за учебната 2021/2022 година и истите можат да се погледнат на следниот линк.
„Примените ученици можат да се сместат во соодветниот ученички дом почнувајќи од 31 август. При сместувањето, учениците, раководствата и вработените во домовите задолжително да се водат согласно насоките наведени во Протоколот за постапување при сместување на ученици во Јавните ученички домови“, соопштува МОН.
Кандидатите чии апликации не се прифатени, во следните три работни дена имаат можност за приговор кој се доставува до Министерството за образование и наука (ул. „Св. Кирил и Методиј“, бр. 54, 1000 Скопје).
„Согласно конкурсот кој беше објавен за оваа намена, право на сместување во ученички дом имаат учениците кои ги исполнуваат следните услови: да се запишани како редовни ученици во средното образование во учебната 2021/2022 година; да се државјани на Република Северна Македонија; да се запишани на наставен план и програми кои не се застапени во општината, односно градот Скопје каде ученикот има постојано место на живеење; училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 25 километри од постојаното место на живеење и да има организирано јавен превоз; училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 10 километри од постојаното место на живеење и нема организирано јавен превоз“, соопштува МОН.
Од таму посочуваат дека годинава учениците за прв пат имаа избор да аплицираат за сместување во ученички дом електронски со пополнување на електронска пријава и прикачување на соодветната документација на https://e-uslugi.mon.gov.mk , или со достава на потребната конкурсна документација директно во ученичкиот дом.