Хелсиншкиот комитет за човекови права со загриженост реагира на изјавите и пораките упатени на вчерашните протести против вакцинацијата и мерките за заштита од ширење на коронавирусот. Оттаму велат дека секогаш го поддржуваат правото на протест и слободно изразување на мислењето, но потсетуваат дека покрај уставно гарантираните права, има и уставно регулирани должности.
„Потсетуваме на членот 39 од Уставот на Р.С Македонија, според кој граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје, но и здравјето на другите. Токму затоа, забраните во случај на одбивање на вакцинацијата, во ниту еден момент не може да се подведат под сомнение дека би биле основ за дискриминација или во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права“, сметаат од Хелсиншки.
Посочуваат дека пандемијата го отежна нормалното функционирање, но со оглед што може да се стави под контрола само преку висока стапка на имунизација и со почитување на здравствените протоколи, апелираат на повисока граѓанска свест и одговорност кон овие прашања.
„За жал, како што можевме да видиме и на вчерашните протести во неколку градови низ државата, паралелната пандемија на лажни вести и дезинформации претставува голема опасност која го минира справувањето со најголемата здравствена криза на нашето време. Апелираме до граѓаните да се информираат од релевантни извори, засновани на научни сознанија и препораки и да ги отфрлат информациите базирани на лаги и теории на заговор. Истовремено, ги повикуваме сите општествени чинители присутни во јавниот живот, да бидат свесни за потребата од одговорен и рационален пристап во борбата со пандемијата и да не ги охрабруваат ваквите наративи, кои не само што се на штета на јавното здравје, туку водат и до понатамошна општествена поларизација, што е особено опасно при криза од вакви размери“, велат од Хелсиншки.
Истовремено остро ги осудуваат навредите и омаловажувањата упатени кон здравствените работници, за кои потсетуваат дека се на првата линија на борбата каде ја извршуваат својата работа и спасуваат човечки животи.
Наметнатата вакцинација – зачувување на јавното здравје или кршење на човекови права?