Учениците од прво и четврто одделение од оваа учебна година треба да учат на интересен, динамичен, игровен, но ефективен начин. Тие ќе учат по новата Концепција за основно образование, која беше усвоена во март по повеќе месеци дебати и реакции.
„Сметаме дека сме спремни“, уверуваат од Бирото за развој на образование на една недела од почетокот на училишната година.
Концепцијата почнува со прво и четврто одделение, а потоа етапно треба да ги опфати и другите одделенија. Околу 3.000 наставници за прво и трето одделение веќе поминале две физички обуки кои траеле по два дена, а третата која воедно е и последна обука ќе се одржи онлајн неделава, информираат од БРО за Радио МОФ.
„Така што, учениците од прво и четврто одделение може да очекуваат е интересен пристап во совладувањето на новите содржини, во постигнувањето на резултатите од учење, активно да бидат вклучени во сите активности на часот, но и во целиот живот и работа на училиштето, да истражуваат, да стекнуваат знаења преку поврзување на сопственото искуство со тоа што го изучуваат на училиште, да решаваат проблемски ситуации, да учествуваат во проекти и да ги поврзуваат научените нешта во нов контекст. Учениците од прво и четврто одделение од оваа учебна година ќе престојуваат по 5 саати во училиште, дел во настава, дел во учество во различни активности од нивен интерес (воннаставни активности, училиштен театар, работилници, акции итн), ќе имаат слободни изборни активности и слободни изборни предмети, поинаков пристап во домашните задачи, интересни материјали за учење итн. Со еден збор, учениците да имаат училиште по нивна мерка“, велат од Бирото за развој на образованието за Радио МОФ.
„Наставниците се сретнаа со повеќе предизвици“
Според надлежните, новата Концепција треба да им овозможи на учениците полесно да ги поврзуваат наставните содржини со реалните случувања. Со неа, наставните програми од различните предмети ќе се спојат по сродни теми во текот на исто одделение со цел да се нагласат врските и различни аспекти на една појава. Клучна улога во овој процес има наставниот кадар кој годинава помина низ обуките за да може да се прилагоди на новата средина.
Наставникот Добри Јовевски од Основното училиште „Илинден“ во Крива Паланка беше дел од обучувачите на наставниот кадар за планирање и реализација на новите наставни програми за прво одделение. Според него, фокусот бил на почитување на иновативните пристапи што се посочени во Концепцијата за основно образование.
„Во процесот на обучување за планирање на новите наставни програми наставниците се сретнаа со повеќе предизвици. Сценариото за час е новост и бара детален опис на активностите во чекори, затоа што активностите на часот служат за постигнување на стандардот, а не за реализација на содржината. Голем предизвик за реализација на наставата со новата концепција е и организацијата на работата во комбинирани паралелки, за што треба да се пристапи со особено внимание и огромна поддршка кон наставниците. Исто така се усложнува и евиденцијата во електронскиот дневник, во делот на неделното планирање“, истакна Јовевски.
Тој забележува дека воспитно образовниот процес бара континуирано професионално усовршување на наставниот кадар.
„Професијата наставник е динамична професија која треба да ги следи современите трендови на учење и поучување. Во текот на обуките, според интересот и вклученоста во активностите, наставниците покажаа подготвеност и солидни компетенции успешно да ги користат знаењата и вештините во имплементацијата на новите наставни програми за прво одделение“, смета Јовевски.
И од Бирото за развој на образованието признаваат дека секојдневно се соочуваат и се обидуваат да ги надминат предизвиците кои се појавија од донесувањето на Концепцијата до денес. Според нив, значајно е тоа што дека дилемите околу потребата од реформи се надминати и сите предизвици околу навременото и квалитетно подготвување на стручните документи.
„Предизвиците остануваат во врска со започнувањето на учебната година, со начинот на изведување на наставата во зависност од ширењето на пандемијата, но се надеваме дека и тоа ќе биде надминато, имајќи го предвид искуството од минатата година на користење на Националната платформа и на сите дигитални алатки. Како институција, подготвени сме да им дадеме целосна поддршка на наставниците и да одговориме на сите предизвици кои може да се јават во училиштата“, велат од БРО.
Материјалите за четврто одделение ќе бидат и дигитализирани
Покрај Концепцијата, беше изготвен и нов Закон за дигитални учебници и наставни материјали кој наиде на отпор. Се создаде групата „Учебници и настава мора да има“ составена од родители, кои низ неколку протести и бојкот на настава реагираа против „нов експеримент“ во образованието. Покренаа и иницијатива за референдум, по што Владата го повлече Предлог-законот од собраниска процедура. Сепак, од МОН најавија дека од септември повторно ќе организираат дебати за нови предлози.
К.Ј. е мајка на четвртоодделенец од Скопје, која вели дека се уште немаат никакви информации за тоа што ќе се случува од годинава.
„Учителката спомна дека требала да оди на некој семинар, ќе се правеле обуки на наставниците и дека тие нема да можат да го користат материјалот од претходните години. Сега вели дека со нов концепт ќе биде и уште не знаат што ќе биде. Тоа беше на последната родителска пред да заврши школската година. Во меѓувреме, ништо немаме информации“, изјави таа за Радио МОФ, додавајќи дека досега не добиле ни свидетелства, ниту нови учебници.
Иако годинава учебната година официјално ќе започне од 1 септември, со физичко присуство, К.Ј. не е сигурна колку ова е сигурно со оглед на новата ситуација со пандемијата. Така што, размислува да купи нов компјутер за своето дете, кое минатата година целосно ја помина со онлајн настава, иако за учениците до трето одделение генерално беше одобрена настава со физичко присуство. Оваа мајка е загрижена бидејќи со онлајн наставата увиделе дека се случуваат проблеми со интернет поврзаноста и онлајн алатките.
Според неа, потребно е учениците да имаат отпечатен материјал за да можат да учат дома.
Од Бирото за развој на образованието уверуваат дека материјалите за учење се изработени. Во четврто одделение, покрај верзијата која ќе може да се испечати, тие се и дигитализирани.
„За прво oдделение, на македонски наставен јазик и албански наставен јазик се испечатени, во моментов се печатат на турски наставен јазик, српски наставен јазик и босански наставен јазик и до 1 септември 2021 година ќе бидат доставени до секое основно училиште. За четврто одделение печатена верзија е готова сега се работи на нивното дигитализирање кое е при крај“, информираат од БРО.
Министерството за образование и наука викендов се пофали со првиот дигитален учебник по природни науки во четврто одделение. Негова авторка е Биљана Стојановска, во соработка со наставничките Билјана Лазареска и Нела Слезенкова-Никовска.
„При подготовка на материјалите бевме водени од целта за развивање на критичко размислување, креативност и проактивност кај учениците. Токму затоа тој изобилува со забавни содржини, експерименти, истражувања и интересни илустрации. Преку користење на овој учебник учениците ќе ги развијат своите вештини за креативно изразување, критичко размислување, комуникација и соработка, што се, всушност дел од Националните стандарди”, вели Стојановска.
Во учебникот се забележуваат интерактивни слики, видеа, квизови, игри и анимации. Преку нив учениците треба на разбирлив и позабавен начин да ги надополнат своите сознанија за природата и светот околу себе, природните богатства и нивното значење и зачувување.
Деновиве МОН соопшти дека набавило 10.000 таблети, од кои 3.000 се веќе дистрибуирани до училиштата, а се наменети за ученици од четврто одделение кои се од социјално ранливи семејства.
Во меѓувреме, од „Учебници и настава мора да има“ најавуваат нов бојкот на наставата од септември и протест ако министерката Царовска продолжи „да инсистира на целосна дигитализација и да спроведуваа родово сензитивни содржини во образованието и доколку нема квалитетни услови за инклузија“. Покрај ова, оттаму најавуваат и покренување постапка за измени во Законот за основно образование.
„Наставниците да се партнери во реформите“
Новата Концепција е најавено целосно да се спроведе во деветолетката во следните пет до шест години.
„Особено е важно наставниците да се партнери во реформите и креирањето на образовните политики. Наставниците се дел од голема заедница за учење, каде разменуваат искуства, методи и пристапи во работата. Значајна е поддршката од страна на советниците од Бирото за развој на образованието, кои секогаш се подготвени да дадат одговор на прашањата и дилемите со кои се соочуваат наставниците“, предложува наставникот Јовевски.
Од Бирото за развој на образованието, пак, најавуваат дека ќе вршат постојана советодавна-стручна поддршка на наставниците кои реализираат настава со новите наставни програми.
Е.П.