Бркани од онлајн групи, исмевани и изолирани – Пандемијата поттикна дигитално насилство меѓу младите

На околу 65 отсто од децата им недостасува училиштето, но не делот каде што се учи, туку оној каде што се дружат со пријателите. Социјалните активности генерално, како и поголема слобода е она што најмногу им недостасува на младите, покажа најновото истражување на Првата детска амбасада Меѓаши.

Податоците за истражувањето биле собрани во текот на месец јуни и јули годинава, а во него учествувале 1231 дете од целата територија на државата. Од нив, 58,1% се девојчиња и 40,3% се момчиња, на возраст од 10 до 18 години. Главна идеја било да се покаже како се чувствувале младите во текот на кризата, но и што од утре.

Оттаму посочуваат дека некои форми на меѓуврсничко насилство со кои немало толку многу проблеми и кои биле успешно контролирани, повторно станале едно од горливите и клучни прашања што треба да се решат, како случајот со дигитално насилство.

„68% од младите рекле дека се чувствуваат помалку поврзани со нивните пријателства, што предизвикува изолација и осаменост. Некои од оние деца кои доживеале насилство пред пандемијата се чувствуваат олеснето затоа што не мора да одат на училиште, но многумина се загрижени дали ќе се вратат на училиште. Малтретирањето во онлајн околината е зголемено особено на сајтовите за социјални медиуми, игри и апликации за пораки. Децата се малтретирани затоа што имале или имаат членови на семејството со Ковид-19. Некои деца доживуваат насилство поради нивниот дом (видливо за време на предавањата преку интернет) и поради уредите што ги користат за време на онлајн часови“, покажува истражувањето на Меѓаши.

Понатаму, податоците велат дека вкупно 62% од основците и 84% од средношколците се изложени на некои ризици на интернет. Дигитално насилство, конкретно, доживеале 37% од учениците во основно училиште и 66% од средношколците. Вкупно 22% од децата од основно училиште и 30% од средношколците, пак, виделе или слушнале дека нивните врсници страдаат од дигитално насилство.

„Кога беа прашани каков е тој вид на дигитално насилство, многу од нив најчесто велеа дека имаат групи во кои знаат да се договараат пред писмена, пред испрашување и дека многу често одредени деца биле исклучувани од тие групи, што навистина во голема мера говори за тоа колку знаат да бидат етикетирани на тој начин. Од друга страна, многу од децата велат дека им се потсмевале за тоа како изгледаат нивните домови, особено оние кои живеат со семејства со понизок економски статус. Многу од децата кои немале можност да пуштат камера исто така во текот на часовите биле исмевани и добивале и погрдни коментари во приватни пораки“, појаснува професорката Софија Арнаудова од Институтот за социјална работа и социјална политика при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ која го водеше истражувањето.

Еден од заклучоците на истражувањето спроведено во текот на пандемијата на Ковид-19, е дека предизвиците со кои колективно се соочува населението може да влијаат врз менталното здравје. Меѓу различните ранливи групи, се издвојуваат децата, чија благосостојба во ситуација на продолжен и тежок стрес бара посебно внимание, сметаат од Првата детска амбасада.

Според професорката Арнаудова, младите со себе носат бројни грижи.

„Почнуваат од тоа ‘како ќе си фатам девојка’, па следуваат до многу посериозни грижи од аспект на тоа да не се заболи некој во семејството, да не почине. Грижи за тоа ‘како ќе ги стекнам оценките’, грижи додека трае онлајн наставата ‘како и дали ќе можам да одговорам, дали ќе можам да се приклучам соодветно на интернет, да не ми се закочи лаптопот’ и слично. Повторно, најголем дел од грижите, иако во овој момент не се однесуваат на образованието и на наставата, кај децата се поврзани со училиштето. Во моментов, најголема грижа е ‘кога повторно ќе се вратиме на училиште со физичко присуство’ и моментот кога ќе заврши пандемијата и ќе се вратиме во нормала“, појаснува Арнаудова.

Покрај ова, истражувањето посочува дека едно од 10 деца (9%) имале значителна вознемиреност и / или депресивни симптоми, што го надминува нивото на непријатни емоционални искуства што би ги сметале за очекувани за возраста.

„Секое седмо дете (15%) се соочува со значително ниво на симптоми на посттрауматски стрес, односно промени во емоционалноста и однесувањето што се јавуваат како резултат на искуство што може да се опише како трауматично“, забележува истражувањето.

Половина од децата доживеале во одреден момент тешкотии во концентрацијата (56%), вознемиреност во споменот на стресен настан (51%), емоционална чувствителност / плашливост (51), наметнувачка содржина (49%), избегнување непријатни спомени и чувства (44%).

Дури три од четири деца во изминатата година се соочиле со страв од неуспех (74%) и 60% со вознемиреност во социјални ситуации. Во скоро половина од децата, исто така биле забележани чувство на тага и празнина (48%), грижа за безбедноста на членовите на семејството (47%) и страв да останат дома (39%).

Според Арнаудова, ова се генерации каде што многу ќе треба да внимаваме потоа на менталното здравје на децата.

„Тројка“ за онлајн наставата

Најголем процент од децата научиле за постоење на вирусот преку телевизија или Интернет (околу 61%), додека една петтина од децата научиле за вирусот од своите родители.

Кога станува збор за спроведувањето на онлајн наставата, истражувањето покажува дека речиси половина од децата имаат свој персонален компјутер (48,3%), повеќе од една третина делат компјутер со своето семејство, а 4,7% од децата воопшто немаат пристап до компјутер.

Дополнително, податоците во оваа aнализа покажуваат дека мобилен телефон имаат 94% основци и 99% средношколци, додека 89% од учениците во основно училиште и 92% од средношколците имаат пристап до интернет.

Најголем број деца (87,3%) изјавиле дека немаат проблеми со наставата преку интернет, а просечната оценка за онлајн наставата е 3,22 (на скала од 1 до 5).

„Ова е еден од проблемите со кои учениците навистина се соочуваа. Да бидеме емпатични и да се ставиме и во нивна кожа, да видиме како им било на учениците. Среќа изминатава година се научивме да баратиме добро со технологијата, па ако на компјутер не успева, успева на телефон“, се пошегува професорката Арнаудова откако изгуби интернет врска пред да започне со презентацијата на наодите за онлајн наставата.

Во суштина, децата во голема мера се задоволни од комуникацијата со наставниците, а се помалку задоволни од тоа колку некој од семејството може да им објасни делови од материјалот што не го разбираат, па така 28,2% од децата земаат приватни часови.

„Од проблемите поврзани со учењето на далечина, децата известија дека имаат проблем со лоша интернет конекција, дека им е тешко да се поврзат на Интернет кога треба да испратат домашна задача; некои деца немаат интернет дома, а интернетот на телефонот брзо се троши; дека нема кој да им објасни што не разбираат од новиот материјал; немаат кому да се јават кога нешто не им е јасно; ако наставниците користат различни апликации тие остануваат без доволно мемориски простор на паметните телефони“, информираат од Меѓаши.

Она што е забележително низ истражувањето е дека постои значителна разлика во задоволството од комуникацијата со наставниците помеѓу децата од урбани и рурални средини, така што децата од помалите места се позадоволни од комуникацијата. Децата кои се помалку задоволни од комуникацијата со наставниците имаат значително поголеми проблеми во наставата. На ист начин, децата кои се помалку задоволни од наставата известуваат за постоење проблеми со наставата.

Светската здравствена организација прогласи пандемија на Ковид-19 на 11 март 2020 година. Во Северна Македонија, на 13 март 2020 година, јавноста беше информирана дека е донесена „Одлуката за воведување кризна состојба“. Владата ги објавува првите мерки врз основа на оваа одлука при што градинките, училиштата, универзитетите престанаа да работат. До денес, се воведуваа постојано нови мерки; населението беше приморано да остане дома, да одржува физичка дистанца, без собирање.

Од Министерството за образование и наука уверуваат дека има услови почетокот на новата учебната година, на први септември, да биде со физичко присуство на учениците. Денеска Владата треба да донесе одлука по предлогот на МОН.

Е.П.