Во далечната 2011 година за прв пат се споменува изградба на 25-метарски покриен базен во Охрид, според акционен план подготвен од Агенцијата за млади и спорт. Тој беше предвиден како дел од проектот за изградба на девет пливачки базени, кој требало да започне со градба во средината на 2012 година. Оттогаш имало бројни најави за изградба на базенот во Охрид, но до ден денеска тој никако да се наполни со вода, иако периодов таму се забележува присуство на работници.
Туристичкиот центар во земјава од кој произлегле славните пливачи како Атина Бојаџи, Дики Бојаџи, Александар Маленко и други, не може да се пофали дека има услови преку целата година каде може да тренираат и да се развиваат идните пливачи. Единствената можност за младите пливачи моментално е возобновениот отворен базен во спортскиот центар „Билјанини Извори“ кој се отвори во истата година кога беше најавен и покриениот градски базен.
View this post on Instagram
Моментално, најголема пречка за напредок на младите пливачи е соодветен спортски покриен пливачки базен, кој би можел да биде оперативен во текот на целата година, објаснува за Радио МОФ тренерот Миле Јовановски од пливачкиот клуб „Акваспирит“.
Водени од поривот и желбата да се одржи пливањето на некакво ниво, но и да се обезбеди континуиран тренажен процес за пливачите, Јовановски објаснува дека неговиот клуб ги користи сите можни алтернативи, и додава дека во последните две години остваруваат соработка со хотел, каде што ги изведуваат тренинзите на зима.
„Последниот удар е зададен со затворањето на пливачкиот базен во Струга пред повеќе од 15 години кој исто така бил користен од охридските пливачи. Од тогаш наваму активни се само летните пливачки школи. Сето ова говори за една ‘пливачка агонија’ во Охрид“, вели тој.
Резултатите кои ги постигнуваат за време на летото и големиот интерес за летните пливачки школи, Јовановски вели дека ги прави оптимисти за со сигурност да кажат дека во Охрид има таленти и дека се чекаат само соодветни услови за работа, кога тие ќе прераснат во квалитетни пливачи во национални, но надежно и во интернационални рамки.
Градот Охрид во 50-тите и 60-тите години на минатиот век бил во светскиот врв во продукцијата на пливачи, а особено во маратонско пливање, вели Јовановски.
„Со текот на годините како условите насекаде низ светот се подобрувале, кај нас имало стагнација се до скоро целосно замирање на пливањето во организирана форма“, додава тој.
Институциите се одлучија да молчат за тоа кога ќе се отвори покриениот пливачки базен. Пред повеќе од еден месец Радио МОФ испрати прашања до Агенцијата за млади и спорт, која е задолжена за изградбата на затворениот базен. И покрај уверувањето дека ќе одговорат на нашите прашања, до објавувањето на оваа сторија не добивме со одговор за тоа кога се очекува базенот да биде готов, но и кои се препреките што сè уште не е пуштен во употреба. Одговор побаравме и од Општина Охрид, од каде само не упатија до Агенцијата за млади и спорт, без да кажат што ќе значи овој базен за градот, но и во која фаза се наоѓа изградбата.
Според сознанијата кои ги има пак тренерот Јовановски, ставањето во функција на покриениот пливачки базен би значело и враќање на пливањето на голема врата во Охрид и пошироко.
„Според нашите информации базенот е предвиден да се изгради според најсовремени стандарди и претставува најрепрезентативен објект од таков вид во земјава. Со тоа, покрај што ќе дојде до консолидирање на тренажниот процес на пливачките клубови и школи од Охрид, воедно ќе се создадат услови за организирање на домашни и меѓународни натпреварувања во пливање, ватерполо итн… со што автоматски би имале позитивен импакт врз спортскиот туризам“, потенцира тој.
Тендерот за изградба на покриениот пливачки базен беше објавен во јуни 2015 година. Вредноста на инвестицијата изнесува 5 милиони евра, а како инвеститор се јавува АМС. Оттука, дополнително се прецизира дека објектот ќе се простира на површина од 15 илјади квадратни метри, со предвидени трибини и над 500 седишта, а со димензии на базенот од 33 на 22 метри.
Мартин Колоски