Од септември повторно во училиште, Владата одлучи наставата да започне со физичко присуство

Владата на денешната седница одлучи учебната 2021/2022 година да започне со физичко присуство со полн капацитет, по предлог на Министерството за образование и наука, а со одобрување на Комисијата за заразни болести.

Тоа значи дека од 1 септември сите ученици од прво до деветто во основно и учениците во средните училишта ќе се вратат во училишните клупи, откако минатата учебна година на настава физички присуствуваа само учениците до трето одделение и повозрасни ученици во училишта каде имаше услови за физичка настава.

„Исклучоци од оваа одлука може да се однесуваат на деца со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни семејства, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето“, информираат од Владата.

На денешната седница било истакнато дека ќе се следат состојбите и дека како алтернатива постојат дополнителни две сценарија: преминување на целосно онлајн настава или комбинирано, доколку дојде до промена на состојбата со пандемијата.

Досега над 62 отсто од наставниот кадар е вакциниран претходно информираше министерката за образование и наука Мила Царовска.

„Презадоволна ќе бидам ако постигнеме 80 проценти. Наставниците се враќаат од одмор и сигурна сум дека ќе има уште една поголема акција на вакцинирање до 1 септември и уште побезбедно ќе се чувствуваме во училиштата“, изјави Царовска за медиумите.

Епидемиолошки служби во училиштата, појасни таа, ќе проценуваат и ќе утврдуваат дали некој ученик/ци или цело одделение ќе треба да бидат изолирани.

Во меѓувреме, во групата „Учебници и настава мора да има“ на Фејсбук во која членуваат родители на ученици, стои најави за бојкот на наставата од септември и протест ако министерката Царовска продолжи „да инсистира на целосна дигитализација и да спроведуваа родово сензитивни содржини во образованието и доколку нема квалитетни услови за инклузија“. Покрај ова, оттаму најавуваат и покренување постапка за измени во Законот за основно образование.

Е.П.